Thursday, May 2, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИловица – Рудник на смртта: Цијанидот ќе не убие сите нас, алармираат екологистите

Иловица – Рудник на смртта: Цијанидот ќе не убие сите нас, алармираат екологистите

Екологистите се кренаа против рудниците на смртта. Последното предупредување во низата е од Крум Велков, а се однесува на најавениот рудник за злато Иловица. Неговиот текст Ви го пренесуваме во целост.

„Ова е дел од Струмичкото поле под селата Иловица и Штука. Ова поле е едно од најплодородните не само во Македонија и регионот, туку и пошироко. Што да посееш ќе никне. Колку што се сеќавам, татко ми, кој беше земјоделски инженер, кажуваше дека во 70-те, експерти на Обединетите Нации биле тука и потврдиле дека оваа почва е меѓу најквалитетните земјоделски региони во светот. По 20-30 години, сето ова може да биде мртво. Мртва пустелија. Одложен геноцид. Еве зошто:

1. Долгорочно, рудникот, чиј концесионер е Euromax Resources Ltd. од Канада, Британска Колумбија, ќе направи целосна промена на рељефот. Половина од убавата, кротка планина Огражден едноставно ќе ја снема. Тоа негативно ќе го афектира и еко-системот на Беласица, која е во непосредна близина. Ќе го афектира и целото поле, се разбира.

2. Опасни тешки метали и хемиски супстанци ќе ги загадат возухот, водата и земјиштето. Водите ќе имаат намалена pH вредност и зголемени концентрации на следниве тешки метали: цинк, алуминиум, арсен, бакар, железо, нитрати, сулфат, комплекси од метали, цијанид, селен, манган, кадмиум. Сите се отровни.

3. Преку т.н. хидројаловиште на рудникот ќе се загадат и подземните води.

5. Цијанидот е една од најотровните хемикалии, а ќе се употребува за чистење на златото. Ќе се одложува/наталожува во хидројаловиштето на рудникот. Од таму, преку подземните води ќе се шири низ полето.

6. Инвеститорот НЕ ГАРАНТИРА 100% заштита од одложеното отровно дејство.

7. Во документите за рудникот недвосмислено стои дека т.н. Проект Иловица ќе предизвика НЕПОВРАТНА загуба на пошуменото земјиште во долината на реката Штука. Големи загуби ќе има и на пошуменото земјиште во зоната на површинскиот коп.

8. Повеќе од 330 хектари (!!!) шумски насади и повеќе од 40 хектари пасишта ќе бидат неповратно уништени.

9. Ќе бидат загрозени околу 440 хектари(!!!) живеалишта во кои се евидентирани неколку заштитени видови флора и фауна од страна Европската директива за живеалишта и според листата на Европската Унија за заштита на природата.

10. Инвеститорот гордо изјавува дека ќе биле вработени 400 луѓе од околните селата, небаре тие со песни и ора ќе влегуваат под земја за бедни плати. Е-к-с-п-л-о-а-т-а-ц-и-ј-а. Наместо да се равиваат програми за земјоделие и селаните да си останат селани, достоинствени.

НЕКОЛКУ ЛОГИЧНИ ПРАШАЊА ЗА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И ПРОСТОРНО ПЛАНИРАЊЕ И ЗА ЛОКАЛНИТЕ САМОУПРАВИ НА СТРУМИЦА И БОСИЛОВО

1, Зошто е избран цијанидот за постапката за чистење на златото?
2. Кои алтернативи се разгледани и зошто не е избрана некоја со помалку штетни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето? (Всушност, никаква алтернативе не е потребна. Едноставно, рудник не смее да има).
3. Практично, нема никакви гаранции дека на жителите на околните села нема да им биде нарушено снабдувањето со вода за пиење и наводнување од акумулацијата. Зошто?
4. Наводниот план за наводно преселување на загрозените животни на нови живеалиште е невозможна мисија. Лажат. Кој ќе гарантира нивна заштита од угинување?
5. Дали за неколку години земјиштето, пред се околу Иловица и Штука, повеќе нема да може да се употребува за одгледување земјоделски култури?
6. Дали на Струмичката Котлина долгорочно и` се заканува целосно уништување?
7. Денеска бев над Штука со точак. Знаете ли колку е убаво и автентично? И каков грев правите?

Деновиве разбрав дека во Струмица било иницирано Здружение на граѓани кое ќе се бори против изградбата на рудникот. Целосна поддршка и мој прв предлог: Поединечни кривични пријави против секој службеник, било од локалната било од државната власт кој издал какво било одобрение за рудникот, а заради загрозување на животот на граѓаните и заради загадување на околната средина. И притисок за локален референдум под итно“ – пишува Велков.

Да потсетиме, рудникот Иловица е под лупа на меѓународните еколошки мрежи кои меѓу првите предупредија на опасноста од цијанидот. Останува да се надеваме дека властите ќе ги послушаат експертите за доброто на сите нас.