Monday, Sep 14, 2020
HomeГОВОРНИЦАКолумнаИлија Јованов: За потребата од (р)еволуција во образовните системи

Илија Јованов: За потребата од (р)еволуција во образовните системи

AdobeStock_81225145_popup

Постојните системи за јавно образование биле дизајнирани во периодот помеѓу втората половина на XVIII и првата половина на XIX век. Претходно такви системи воопшто и не постоеле. Неминовно зачетоците на системите за јавно образование биле условени и со тогашната индустриска револуција. Значајно е да се истакне дека идејата за јавно образование кое ќе се финансира од даноците кои ги плаќаат сите луѓе, а ќе биде достапно и бесплатно за широките народни маси – била револуционерна и многу значајна.

Она што на прв поглед е воочливо за денешниот образовен систем е тоа што тој е моделиран во интерес на индустријализмот. Тоа се гледа, на пример, во самата организација на училиштата. Тие се организирани како фабрики. А во нив -поделби, поделби и уште поделби. Класично ѕвонче кое го означува почетокот и крајот на наставата, поделба на учениците во училници, поделба на предметите по важност (на пример: математика и странски јазици како најважни, потоа хуманистички науки, па природни науки и на крај предметите поврзани со уметноста – музичко обрзование, ликовно обрзование и слични) итн.

Само како пример ќе споменам одредени испитувања кои потврдуваат дека поголеми резултати во учењето се забележуваат кога се работи во групи. Она што го имаме денес во училиштата е класичен пример како не треба – седењето во редици и можеби ненамерната сегрегираност кај учениците само создава чувство на отпорност, нееднаквост, незадоволство а можеби и доза на бунтовност. Кога, пак, учениците седат во круг – тие се задоволни, се чувствуваат еднакви и рамноправни. Само за споредба видете што се случува во поново време во големите корпорации. Тимовите за работа постојано седат во круг, а тоа ја зголемува и дозата на креативност и чувството на еднаквост помеѓу нив. Контрадикторно е истите луѓе додека се наоѓаат во училишните клупи да ги сегрегираме во редици, а подоцна да очекуваме од нив да создадат одредена хомогеност и да бидат способни за работа во групи. На овој начин треба да се размислува и да се подобруваат работите и со другите догми кои се денес присутни во нашите образовни системи.

Во денешно време сите обрзовни системи во светот бележат помали или поголеми реформи. Причините за реформите коишто се вршат во образовните системи се претежно од економски причини, културни причини итн. Меѓутоа со тоа се врши само подобрување на веќе распаднатиот модел. На образованието денес не му е потребна еволуција, туку револуција.

Денешниот модел на образование е базиран на три столба: линеарност, конформизам и широка маса на луѓе. Мораме да сфатиме дека овој модел на образование повеќе не одговара ниту на сегашниот животен стил, а најмалку на оној што нѐ очекува во иднината. Сите ние со заеднички сили и средства мораме да изградиме нов и современ модел на образование кој ќе биде во чекор со времето во коешто живееме. Или уште подобро – кој ќе биде структуиран на тој начин што ќе може да ги задоволи потребите и барањата на времето што претстои. Современиот систем на образование мора да биде ориентиран кон прилагодување на околностите и индивидуализација на едукацијата во согласност со луѓето кои ги едуцираме. Всушност, овде не се работи за изнаоѓање на ново решение, туку се работи за креирање на движење во образованието во кое луѓето ќе ги развиваат сопствените решенија, но со помош на надворешна подршка која треба да биде заснована на индивидуализирана наставна програма.

Бизнисот, мултимедијата и интернетот како технологии, комбинирани со извонредните таленти на наставниците и професорите обезбедуваат можност за револуција во образовниот систем. Ние овие работи денес ги имаме, потребно е само да ги поврземе и квалитетно да ги менаџираме.