Иднината на ЕУ по Брегзит ќе се одлучува во септември

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, денеска изјави дека во септември во Братислава ќе биде одржан состанок на лидерите на Европската унија на тема – иднината на ЕУ по референдумот во Велика Британија. Туск потсети дека Унијата нема да може да почне преговори за излез на Британија сѐ дури Владата во Лондон и формално не ја изрази својата намера за напуштање на блокот.
„Тоа е единствениот законски пат по кој овој процес треба да оди“, рече Туск. Европскиот парламент, пак, ја повика денеска Британија што побрзо да го почне процесот за излегување од ЕУ. „Волјата на граѓаните мора целосно да се почитува, почнувајќи од активирањето на членот 50 што поскоро“, се вели во Резолуцијата што денеска ја усвоија европратениците на вонредна седница.