Friday, May 3, 2024
HomeUncategorizedГруевски: Кошмарот ќе заврши на 15 октомври

Груевски: Кошмарот ќе заврши на 15 октомври

Изминаа 100 дена на лаги, неспособност и понижување. Кадровски дебакл и уривање на институциите. Економско тонење и непромислени потези. Ова го трпеше Македонија во изминатите 100 дена од владеењето на СДСМ, изјави денеска на прес конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Тој изјави дека граѓаните сакаат подобро од ова што сега го имаат и оцени дека се зголемува разочараноста кај граѓаните во новата влада.

– Кошмарот ќе заврши на 15 октомври. Казната ќе стигне многу брзо. Народот ќе им каже што мисли. Ние одиме напред со народот за да го запреме овој хаос што тие го прават. Ако вака продолжат, ќе има страшен удар во економијата, а тоа ќе е лошо што тие ќе ни го остават кога ние наскоро ќе дојдеме на власт. Не ги контактираат бизнисмените кои сакаа да инвестираат во земјава, така не се отвараат нови работни места – рече Груевски.

– Според она што досега го гледам во минатите три месеци или 100 дена од владата, веќе е јасно дека се креира атмосфера дека странските инвеститори се непожелни. Тие станаа предмет на жигосување, дека многу земале од државата, многу им се давало, ќе се објавуваат нивните договори што ги склучиле за помош од државата. Ќе се стават во една непријатна ситуација да или не го продолжат своето ширење тука и нови капацитети, може некои од нив и да заминат, а што е најлошо ќе се одвратат многу што се во план да доаѓаат – изјави Груевски.

Груевски потенцираше дека во наследство на новата Влада оставиле 60-тина компании со кои биле во длабоки преговори, во финална фаза да влезат во Македонија, во ситуација во која беа пред носење одлука или веќе имале интерна одлука да инвестираат во Македонија.

– Со оваа лоша клима во овие три месеци и неколку денови, се плашам дека најголем дел од овие компании ќе ги изгубиме и нема да дојдат да отворат нови работни места, а доколку би се реализирале сите тие 60-тина би отвориле 25.000 нови работни места. Направија реваншистичка смена на директорите во јавното здравство, при која докажани професионалци и врвни доктори беа заменети со лица со помал квалитет, и при што назначуваа за директори лица кои меѓу другото имаа и правосилни пресуди за земање на мито од пациенти во минатото. Не обезбедија ниту еден, значи ниту еден нов медициснки апарат или опрема, а во наше време без набавеи над 1700 апарати на најсовремена медицинска опрема и апарати. Не е намалена цената на ниту еден лек, а во наше време беше намалена цената на над 700 лекови. Грубо, грубо ги излажаа докторите со ветувањето дека наводно ќе ја покачеле докторската плата на 100.000 денари, а не ја покачија ниту за 1 денар – рече Груевски.

Имаме, додаде тој, загрижувачка нетранспарентност при појава на заразни болести и криење на информации, како и непосветеност во санирање на појавената болест што за жал резултираше со загуба на два човечки животи од Гостивар.

Загрижува и индоленстноста на владата во справување со појавата на смртност кај новороденчињата. Укинат е ургентниот интернистички центра при кампусот мајка Тереза. Запрена е изградбата на зградата на новиот клинички центар во кампусот Мајка Тереза, нова не е започната, и гарантирам дека во овој мандат на СДСМ нема да започне градба на клинички центар, ќе слушаме само ветувања Гарантирам, бидејки знам. Запрени се проектите за едукацијата која врвните странски стручњаци и лекари ја правеа во Македонија. Најново е тоа што сакаат да го укинат системот за едукација на специјалистите, и наместо соодветна изградба на нов медицински кадар се обидуваат да воведат концепт кој ќе значи фабрикување на доктори кои ќе ја немаат соодветната едукација и искуство за лекување на пациенти – нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.