Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаГруевски до амбасадорите: Ги користиме сите законски можности во Собранието

Груевски до амбасадорите: Ги користиме сите законски можности во Собранието

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска со амбасадорите на Германија, Велика Британија, Шведска и Холандија, Кристине Алтхаузер, Чарлс Гарет, Матс Стафансон и Ваутер Пломп разговарал за актуелната политичка состојба, позициите и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на нејзино надминување.

На средбата, на која присуствувале и членовите на Извршниот комитет на партијата, Никола Попоски, Никола Тодоров и Владимир Ѓорчев, Груевски на амбасадорите им соопштил дека „најдобар и најбрз начин да се излезе од политичката криза е спроведување на предвремени парламентарни избори заедно со редовните локални избори“.

Во однос на дебатата во Парламентот, од ВМРО-ДПМНЕ било истакнато дека партијата ги користи сите законски и деловнички можности за искажување на сопствените ставови и позиции.

„Ништо нема незаконски, и нема ништо што досега не се случило во минатото во Македонија, низ Европа и светот, практично тоа е начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ го изразува револтот од прифаќањето и наметнувањето на Тиранската платформа“, стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ ги информирал амбасадорите дека во јануари, за време на разговорите со ДУИ за коалицирање, партијата истакнала дека нема да преговара за албанската платформа и оти потоа разговорите се фокусирале на унапредување на користењето на јазиците на немнозинските заедници во општините каде тие се над 20 отсто.

Од партијата потенцирале дека „е потребен дијалог и дебата, во рамките на институциите за поместување на работите, и организирање на избори за излез од кризата“.