Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионГрција сепак се спаси од "грекзит"

Грција сепак се спаси од "грекзит"

Грција и лидерите на земјите од еврозоната утрово постигнаа нов договор за помош на земјата по 17-часовни маратонски преговори во Брисел. Договорот експресно беше прогласен за историски од водечките европски политичари, а претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер соопшти дека со него дефинитивно се отстранува опасноста од излез на Грција од еврозоната, ткн. „грекзит“.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас прифати нови, тешки реформи во замена за тригодишна финансиска поддршка во износ од 86 милијарди евра, што е истовремено и трет пакет за спас на земјата во последните пет години. Иако целосните услови во новиот пакет не се докрај познати, извесно е дека мерките кои и‘ се наметнуваат на Грција ќе бидат дури и поостри од оние кои веќе беа одбиени од грчките граѓани на референдумот одржан на 5 јули.

Според договорените услови, Атина сега ќе треба да донесе уште построги закони и тоа до среда, вели финскиот министер за финансии Александар Стуб. Атина ќе мора да преземе длабоки реформи на пазарот на трудот, пензискиот систем, даноците и мерките за приватизација. Дел од новиот договор е и обврската на Грција да остави како гаранција имот во вредност од 50 милијарди евра во приватизациски фонд во Луксембург. Другите услови предвидуваат и враќање на ткн. „тројка“ во Атина која во иднина ќе има право да ја контролира и легислативата која се однесува на мерките од новиот пакет-помош.