Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЕвростат: Македонија доцни со попис, што е статистичка, а не политичка операција

Евростат: Македонија доцни со попис, што е статистичка, а не политичка операција

Република Македонија веќе пет години доцни со спроведување на попис, а тој не е политичка, туку статистичка операција и треба да се спроведе единствено на лица кои при извршувањето на пописот ќе се најдат на територијата на Македонија и не се повеќе од една година отсутни од државата.

Ова е пораката од Европската канцеларија за статистика (Евростат), што за МИА ја пренесе Пјетер Евераерс, директор за меѓународна соработка на Евростат. Според овој експерт од највисокото тело за статистички операции во Европа, методологијата за спроведување на попис е определена од Обединетите нации и не смее да биде предмет на политичко пазарење и извртување на принципот и начинот на извршување, а со остварување на било-какви други цели што немаат врска со една класична статистичка операција, бидејќи таквиот попис во иднина нема да биде признат од страна на Евростат.

Како што јавува дописникот на МИА од Луксембург, во однос на тоа што Република Македонија не е во можност да спроведе попис на населението веќе 15 години и дали е тоа според стандардите на Евростат или 15 години е премногу долго, Евераерс вели дека нормално, попис на население и домување се врши на секои десет години.

– Статистичкиот оддел на Обединетите нации (УНСД) ги раководи светските програми за попис на населението и домувањето, а следната програма за попис се однесува на 2020 година. На сличен начин и врз основа на меѓународните препораки од УНСД, но и на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ), Евростат ја дефинира европската програма за попис и бара со регулатива од земјите-членки на ЕУ да ги пријавуваат податоците за населението и домувањето на секои десет години, посочува тој.