Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЕкономско социјалниот совет си презема надлежности кои не му припаѓаат – Заклучок со осуда за Ременски

Економско социјалниот совет си презема надлежности кои не му припаѓаат – Заклучок со осуда за Ременски

На официјалната страница на Сојузот на синдикати е објавена веста за 32-та седница на Економско социјалниот совет одржана на 27.2.2017 година, во присуство на членовите на Советот, со претставниците од ССМ, претседателот на ССМ, Живко Митревски и потпретседателот, Роберт Симоноски. Со седницата претседавал актуелниот министер за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими. Она што е спорно е осудата за одлуката на Ременски, која всушност беше одлука на мнозинството во ССМ. Се работи за именувањето на новиот в.д. претседател на ССМ, Дарко Димовски. Имено, Економско социјалниот совет нема надлежност (ниту индиректна) да се меша во внатрешните работи на синдикатите, со оглед на фактот дека во него членуваат и работодавачите. Овој совет е наменет за да го олесни дијалогот помеѓу социјалните партнери и да создаде социјална клима поволна и за работниците и за работодавачите.

Советот донесе посебен заклучок со осуда за решението на Ременски и го поздрави потегот на поништување на решението од страна на новиот министер Ибрахими.
„На седницата беше разгледана и актуелната состојба во контекст на решението на заменетата техничка министерка Ременска, при што беше донесен и посебен заклучок со кој ЕСС го осуди чинот на донесување на решението за промена на лице за застапување и претставување во ССМ и на синдикатите учесници во таа постапка и оцени дека со тој чин се пречекорени овластувањата со оглед на тоа што истото е донесено врз основа на неверодостојна исправа, поднесена од неовластени лица, без соодветна постапка утврдена во соодветните акти и закони и тоа решение е во спротивност со одредбите од Конвенциите и Препораките на МОТ за слобода на здружување и немешање на властите во слободата на дејствувањето на синдикатите и работодавачите.

Во едногласно усвоениот заклучок, ЕСС го поздрави и чинот на министерот Ибрахими со кој го поништи решението на Ременска донесено спротивно на Конвенциите и Препораките на МОТ и спротивно на законската регулатива. Истовремено ЕСС ќе се залага во иднина доследно да се почитуваат меѓународните трудови стандарди и норми во однос на слободата на организирање и дејствување на социјалните партнери согласни постоечките Конвенции, Препораки на МОТ и други законски норми и акти на социјалните партнери“ – стои во објавата на страниицата на ССМ.

Имено, на веб страницата на Економско социјалниот совет јасно се наведени надлежностите на ова тело кое функционира во рамките на министерството за труд и социјална политика.

Ова се надлежностите на Економско социјалниот совет.

– ги следи, проучува и оценува влијанието на економската политика и мерките на економската политика на социјалната стабилност и развој
– ги следи, проучува и оценува влијанието на социјалната политика и мерките на социјалната политика на економската стабилност и развој
– ги следи, проучува и оценува влијанието на промените на цените и платите на економската стабилност и развој
– му дава образложено мислење на министерот за труд за прашања и проблеми поврзани со склучувањето и примената на колективните договори
– им предлага на Владата, работодавачите и синдикатите, односно на нивните здруженија на повисоко ниво, водење на усогласена политика на цени и плати
– дава мислења по предлози на закони од областа на трудот и социјалната сигурност
– ја промовира и поттикнува идејата на тространа соработка (трипартитен социјален дијалог) помеѓу социјалните партнери за решавање на економските и социјалните прашања и проблеми
– го поттикнува мирното решавање на колективните работни спорови
– дава мислења и предлози на министерот за труд во врска со другите прашања утврдени со овој закон

Заклучоци
Економско-социјалниот совет разгледува законски и други прописи, национални стратегии и програми кои што се во врска со економско-социјалните интереси на работниците и работодавачите, проекти и материјали од економската и социјалната сфера и при тоа се носат соодветни предлози, мерки и заклучоци.Заклучоците во однос на законските прописи се доставуваат до Владата на РМ и Собранието на РМ.

Па така, се наметнува прашањето, зошто овој совет си зема надлежности кои не му припаѓаат односно носи заклучоци за работи кои се однесуваат на внатрешното уредување на Сојузот на синдикати.

За потсетување, состојбата во ССМ ескалираше во насилство кога Живко Митревски со обезбедување исфрли четири грански синдикати кои имаат најмалку една третина од членството во ССМ.