Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗНМ и балканските здруженија со осуда за нападите врз новинарите

ЗНМ и балканските здруженија со осуда за нападите врз новинарите

Во среда, 23 август, новинарките Вишња Рузојчиќ од ХРТ и Александра Приморац од порталот SBplus беа физички нападнати во Славонски Брод. Според извештаите на порталот SBplus, новинарките Приморац и Рузојчиќ известувале за престрелка, која се случила претходната ноќ, во која едно лице било сериозно повредено. Новинарките се наоѓале пред кафулето Хајдук во Славонски Брод кога непознато машко лице ги нападнало физички, ги навредувал и се обидел да и ја одземе камерата на Вишња Рузојчиќ. Новинарките веднаш ја известија полицијата за физичкиот напад и полицијата веднаш реагираше на тоа. Нападот беше јавно осуден од Здружението на новинарите на Хрватска.

Истиот ден, екипата на Нова ТВ беше физички нападната во Скопје, додека известуваа за иницијативата за прибирање на потписи против изградба на бегалски кампови во Македонија. Поддржувач на оваа граѓанска иницијатива изврши напад врз новинарите. Охрабрени сме од брзата реакција на Министерството за внатрешни работи, кое веднаш го идентификуваше напаѓачот, го повика на испрашување и најави кривична пријава за насилство против напаѓачот. Нападот беше јавно осуден од Здружението на новинарите на Македонија, кое смета дека тоа беше напад на слободата на говорот и на правото на граѓаните да бидат информирани.

Исто така, на 23 август, се случи инцидент во Партес, каде полицијата уапси тројца руски граѓани, каде според неофицијални информации – двајца од нив биле новинари од Естонија и Латвија. По двочасовниот притвор, тие биле ослободени и против нив не биле покренати никакви обвиненија. Ова го потврдија и официјалните лица на полицијата за регионот Гњилане, но причините за притворот не беа откриени. Регионалната платформа ги повикува локалните власти да ги применуваат меѓународните стандарди за заштита на новинарите, нивната безбедност и слободата на говорот.

Регионалната платформа ги поддржува новинарите и медиумските организации во напорите за заштита на новинарите и слободата на говорот. Платформата ги повикува властите, полицијата и судството во сите балкански држави да обезбедат слободна и безбедна средина за работа на новинарите и медиумите.

Оваа година, во првите осум месеци во земјите од Западен Балкан беа забележани 63 случаи на закани и физички напади врз новинарите, вклучувајќи ги и последните инциденти.

Секој напад врз новинарите претставува напад на јавниот интерес, демократија и правата на граѓаните.