Tuesday, Mar 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаЕден од починатите на Инфективна најверојатно имал корејска хеморагиска треска

Еден од починатите на Инфективна најверојатно имал корејска хеморагиска треска

Постариот од двајцата пациенти од Гостиварско кои починаа на Клиниката за инфективни болести во Скопје, за што вчера информираше Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, е жртва на вирусот хантаан, односно корејска хеморагиска треска, дознава неофицијално „Мета“ од извори во здравствените институции.

Во очекување на резултатите од анализите, односно официјална потврда за причините за смртта на двајцата пациенти, кои најверојатно се татко и син, во „Журнал за вирусологија“ – научно списание, се вели дека дека хантаан-вирусот е предизвикувач на корејска хеморагиска треска.

Вирусот на луѓето го пренесуваат глувци, претежно домашниот глушец, и тој се наоѓа во нивниот измет и урина. Луѓето со овој вирус се заразуваат при вдишување на тие честички. Самиот вирус е припадник на опасната група ханта-вируси.

На Клиниката за инфективни болести моментално со истите симптоми, односно со системски напад на повеќе органи, со треска и со проблеми со засирувањто на крвта, се хоспитализирани уште седум пациенти.

Заменик-министерот за здравство, Гоце Чакаровски, денеска изјави дека најдоцна до утре ќе бидат објавени официјално причините за смртта на двајцата гостиварци.

– Екипите вчера не успеаја да се качат до бачилото, бидејќи тоа е на непристапен терен. Денеска обезбедивме теренско возило. Нашите екипи се на терен. Комисијата за заразни болести заседава постојано. Се надевам дека до крајот на денот, најдоцна до утре, јавноста ќе добие конкретна информација за сите настани со дефинирани резултати за причинителите – изјави Чакаровски.