Sunday, Apr 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДоговорот со Бугарија има зелено светло за ратификација

Договорот со Бугарија има зелено светло за ратификација

Комисијата за надворешна политика денеска ја заврши расправата по предлог-законот за ратификација на Договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија и му предложи на Собранието да го донесе на пленарна седница.

Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу двете држави, го потпишаа премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, на 1 август годинава во Скопје.

Пратеничката на ДОМ, Лилјана Поповска која е дел од парламентарното мнозинство предводено од СДСМ, истакна дека со Договорот се отстранува блокадата на Бугарија во однос на интеграцијата на Македонија во Европската Унија и во НАТО и со него, како што рече се обезбедува официјално признавање на македонскиот јазик како посебен, бидејќи јасно стои дека е потпишан на македонски јазик согласно со Уставот и на бугарски јазик согласно Уставот на Бугарија“.

Артан Груби од ДУИ рече дека Договорот е во духот на заложбите и на посветеноста на парламентарното мнозинство и на Владата на принципот на добри меѓуетнички односи, етничка еднаквост и добри односи без никакви проблеми со соседите, а во насока на интеграцијата на земјата во ЕУ и во НАТО.