Thursday, May 2, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаДиректорка задушила штрајк на вработени во Центрите за социјална работа

Директорка задушила штрајк на вработени во Центрите за социјална работа

Директорката на меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје, Билјана Јарчевска, минатата недела задушила штрајк на вработените во центрите кои сакале да бараат поголема плата, пренесува порталот Сакам да кажам.

Од службениот мејл на Центарот за социјална работа Чаир, до другите општински центри и до Синдикатот бил испратен мејл во кој вработените со средно образование известуваат дека сакаат да организираат штрајк за да издејствуваат поголеми плати поради зголемениот обем на работа. Како одговор на овој мејл, центрите добиле задолжување службениот мејл да го користат само за службени цели и да назначат едно лице кое ќе биде задолжено за него, а од сите вработени во Центарот во Чаир, директорката Јарчевска побарала да потпишат изјави дека не бараат поголеми плати.

„Откако е пратен мејлот до Синдикатот и до директорката на ЈУ МЦСР Скопје, место поддршка од директорката, сите вработени од ЦСР Чаир се повикани еден по еден во нејзината канцеларија со закана да кажат кој вработен го пишал мејлот и се буквално натерани да пишуваат изјави, секој поединечно, дека не бараат зголемување на плата“, се пожалија вработените од центрите за социјална работа.
Пред да бидат повикани на разговор кај директорката, вработените во центрите добиле известување и од Синдикатот кој се оградил од нивните барања.

„Синдикалната органзиција на центрите за социјална работа на РМ ве известува дека се оградува од содржината на мејлот кој што беше доставен од службениот мејл ЦСР на Општина Чаир во име на ’некој синдикат’. Воедно ве известуваме дека СО на центрите за социјална работа на РМ континуирано преговара и работи во насока на подготовка и имплементација на колективен договор за вработените во ЦСР на републичко ниво кој ќе биде усогласен со новата законска регулатива како даватели на услуги (Закон за социјална заштита, Закон за вработени во јавен сектор, Закон за работни односи) и административно-технички и помошен персонал (Закон за администрација, ЗРО). СО на центрите за социјална работа на РМ ќе ги искористи сите свои потенцијали, можности и алатки за конструктивно решавање на проблемите на вработените во ЦСР вклучително и коефициентот за плата на сите вработени со различен степен на образование“, стои во известувањето од Синдикатот.

Министерството за труд и социјала ги игнорираше прашањата поврзани со овој случај. Од таму не одговорија зошто дректорката им го ускратила правото на штрајк за поголема плата на вработените, ниту пак одговорија дали постапките на директорката се во согласност со политиката за работење на Министерството за труд и социјала.