Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаВработените на Скопски пазар незадоволни од нецелосната исплата

Вработените на Скопски пазар незадоволни од нецелосната исплата

Скопски пазар вчера им исплати на своите вработени помалку од половина плата и придонеси за јануари во обид да ја смири состојбата во компанијата. Според вработените, фирмата, која должи примања и придонеси за последните три месеци, вчера исплатила 45% од платата за јануари, како и придонеси за овој месец, што за нив е недоволно.

„Ние не сакаме половина плата, оти не сме работеле половина месец, туку три месеци. Ова што ни префрлаат толку мал износ ни потврдува дека фирмата е во криза и ни дава за право да прашаме каде одат парите. Ние очекуваме до 15-ти април да ни се исплатат сите заостанати плати, во спротивно ќе се обидеме да си го добиеме сработеното со поинакви мерки,“ вели еден од вработените.

Состојбата во фирмата, која со месеци наназад е во финансиски проблеми откако го напушти примарниот бизнис со супермаркетите и беше принудена да ѝ ги препушти своите локали на конкуренцијата, кулминираше минатата недела. Вработените тогаш се сретнаа со директорите и поставија ултиматум – заостанатите плати и придонеси да бидат целосно исплатени до 1 април. Рокот дојде и помина, а СП и натаму им остана должен на работниците. Тие велат дека вчерашната исплата на застарените придонеси не им значи многу, затоа што и натаму ќе мораат да плаќаат скапо приватно лекување.

„Со тоа што ни платиле придонеси за јануари не значи дека можеме да оствариме право на здравствено осигурување. Ова се придонеси за јануари, а законски може да се користат до крајот на март. Со оглед дека веќе сме април, ништо од нашите лекови и нашите лекарски прегледи. Сега единствено ни останува да се надеваме, со оглед на нашиот ултиматум до раководството на фирмата, да започнат со исплата на придонеси и плати, дека ќе ни се платат придонеси и за февруари, и тоа што побрзо, за да можеме да го фатиме тековниот месец,“ вели друг вработен во Скопски пазар.

Скопски пазар некогаш беше синоним за успех во трговскиот бизнис, но во изминатите години компанијата ја изгуби битката со конкуренцијата и спадна на издавање и продажба на своите атрактивни недвижнини за да ги исплати милионските долгови кон банките и доверителите. Според последниот финаниски извештај, компанијата лани потрошила повеќе од 80% од оперативната добивка на отплата на камати за кредити и заеми.