Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДимовски ја нападна агенцијата „Мета“ од собраниската говорница

Димовски ја нападна агенцијата „Мета“ од собраниската говорница

На второто продолжение на конститутивната седница на Собранието, пратениците Стефан Богоев од СДСМ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ влегоа во дискусија во врска со анализа на новинската агенција „Мета“.

Богоев од собраниската говорница рече дека за неговиот говор ќе се послужи со анализата на „Мета“ за промената во наративот на ВМРО-ДПМНЕ за платформата на албанските партии, кој драматично се промени по пропаѓањето на преговорите на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ за состав на влада.

Тој нагласи дека претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ја ословувале платформата на еден начин додека траеле преговорите со ДУИ, а речникот на партијата се сменил откако преговорите пропаднале.

– Во период од 9 до 29 јануари, кога мандатот е кај Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ не споменуваше тиранска платформа, туку велеше „таа“ платформа. На 30 јануари, кога Груевски го губи мандатот, веднаш плaтформата на албаските партиите ја oсловува како тиранска платформа, платфoрмата на Еди Рама, сеалбанска платформа – рече Богоев.

На ова реплицираше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој наместо за наративот на неговата партија за платформата, зборуваше и ја нападна агенцијата „ Мета“, која ја нарече „соросоидна“.

– Околу новинската агенција „Мета“ би сакал да појаснам, тоа е скратеница од зборот Метаморфозис, „Мета“ е сопственост на „Метаморфозис“, а „Метаморфозис е сопственост во Сорос. По новоговорот во Соединетите Американски Држави, наметнат од новата администрација, сето тоа е „фејкњуз“ – рече Димовски.

Имено, новиот американски претседател Доналд Трамп, водечките телевизиски мрежи во САД, „Си-ен-ен“, „Еј-би-си“, „Ен-би-си“, како и британската „Би-би-си“, но и весниците „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“, кои отворено го критикуваат, ги нарече „фејкњуз“.