Friday, May 3, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДимитров: Македонија и Грција уште отсега да се однесуваат како партнери во ЕУ и НАТО

Димитров: Македонија и Грција уште отсега да се однесуваат како партнери во ЕУ и НАТО

Доколку Македонија и Грција сакаат во иднина да бидат партнери во Европската унија и НАТО треба уште отсега да се однесуваат така, нагласува македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, во интервјуто за денешното издание на грчкиот весник „Катимерини“.

Димитров денеска учествува на квадрилатералната средба на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија, која се одржува во Солун на иницијатива на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас.

Тој и Коѕијас одржаа неколку средби од јуни досега, а на прашањето дали тоа значи дека се блиску до некакво решение за спорот околу името Димитров вели дека тој и неговиот грчки колега градат пријателска атмосфера и отворена и искрена комуникација, проткаена со заемно разбирање на меѓусебните позиции.

– Ова е искрен напор за продлабочување на заемната доверба и креирање поволна клима за соработка, која ќе ни помогне да го пронајдеме патот, што ќе не води кон напредок. Нашите напори извираат од потребата за соработка како соседи, во регионална смисла, но и во европскиот дух и од свесноста за несигурноста и непредвидливоста во светот денеска – рече шефот на македонската дипломатија.

Двете страни, според Димитров, треба да имаат поодговорен пристап, кој ќе понуди вистински напредок и подобра иднина за граѓаните на двете земји.

Во врска со неговите неодамнешни тврдења дека Македонија не треба да биде единствената која ќе има право на македонскиот идентитет и дали тоа е показател за можност да се постигне компромис за името, Димитров посочи дека идеите за екслузивност се игри без добивка, кои во минатото беа само извор на поделби и немир во регионот и пошироко.

– Одбиваме да се вклучуваме во игри, чиј исход е нула, во кои успехот на едната страна е на сметка на загубата на другата страна. Сфаќаме дека во денешниот глобално поврзан свет, кој е погоден од насилство никој не може да излезе како победник во ситуација во која соседот станува губитник. Како и да е сите сме сведоци дека национализмот, екслузивната политика во случајот на Балканот беше ништо, освен извор на поделби и конфликти. Нашите намери се јасни, сакаме да креираме атмосфера во која двете страни ќе можаат да ги слушнат своите ставови и да согледаме што можеме да изградиме на тие основи – рече Димитров.

Тој истакна дека двете земји треба да имаат разбирање за различните позиции за одредени прашања.

– Кога сосед од грчка Македонија вели дека таа или тој е Македонец, регионално, историски или културолошки, дали тоа претставува закана за мене? Секако дека не. Кога јас ќе кажам дека сум Македонец, дали тоа треба да претставува закана за мојот сосед? Во Европа во 21. век? Сметам дека не треба, нагласи македонскиот министер за надворешни работи.

На прашањето за загриженоста за грчката јавност за постоењето на елементи на иредентизам во Македонија, како што се мапи, историски лекции кои прикажуваат аспирации кон северниот дел од Грција, но и имиња на објекти, како аеродромот во Скопје, Димитров одговори дека земјата од иредентизмот формално се ослободила уште многу одамна, со Уставот.

– Цврсто се држиме до она за кое јавно се залагаме, цврсто да ги почитуваме нашите меѓународни заложби и да ја храниме свесноста во насока да бидеме и да правиме се за да бидеме добри соседи. Единствената мапа за која се интересираме е мапата на голема Европа. Да се ставиме во ситуацијата на другиот е начинот на кој можеме да ги разбереме проблемите на другата страна. Дали моите сограѓани од Република Македонија ќе бидат воодушевени од мапи во кои други земји заземаат делови од нашата територија? Секако дека не. Во таа смисла дали грчките граѓани ќе бидат воодушевени од предизвикување на нивниот идентитет и од ветото за блокирање на прогресот на нивната земја од некој кој е поголем и помоќен од нив? – нагласи Димитров.

Во врска со тоа дали трети страни се обидуваат да влијаат во внатрешната политика на земјите од Балканот, Димитров посочи дека денешните предизвици се од поинаква природа и не можат да се гледаат од аспект на една земја или организација.

– Миграцската криза е јасна илустрација за тоа колку се испреплетени предизвиците со кои се соочуваме. Заеднички сили и координација се повеќе од потребни. Регионалните прашања бараат регионални одговори, ваквите средби се корисни. Во денешниот глобализиран свет ниту една географска територија не е поштедета од геополитичкото влијание. Балканот не е исклучок и тој претставува сфера на влијание. Географски Балканот не е на периферијата на Европа, но долго време беше на периферијата на европското политичко внимание. Во овој момент ни е потребна стратешка визија, дипломатија со јасна цел и поголемо внимание. Како и во природата, така и во геополитиката вакуумот не се толерира. На регионот му е потребна кредибилна европска перспектива, кредибилни реформи и повеќе искреност. Тоа е едно од виталните решенија за долготрајна стабилност и просперитет на регионот – нагласи шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интерјуто за „Катимерини“.