Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДимитров: ФИРОМ звучи клингонски

Димитров: ФИРОМ звучи клингонски

Македонија на 18 јули ги отфрли сугестиите дека би можело да му се стави крај на спорот со Грција околу нејзиното име со тоа што ќе го прифати акронимот, велејќи дека тој звучи како да е изваден од клингонскиот јазик од серијата „Ѕвездени патеки“, вели Радио слободна Европа.

„Кога ќе кажете ФИРОМ, тоа исто толку се однесува на мојата земја колку и на ‘клингонскиот’ јазик од телевизиската серија ‘Ѕвездени патеки’“, изјави македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, на прес-конференција со претставници на Европската Унија во Брисел.

Клингонците се измислен човеколики вид со испакнати, нерамни чела, кои живеат во Клингонската Империја во американскиот научнофантастичен мегасеријал.

Нивниот јазик стана култ на обожавателите, а има создадено и опера и клингонски преводи на Библијата и на Шекспировиот Хамлет.

Отфрлајќи ја промената на името предложена од Грција, Димитров навести дека е можен друг компромис, вели РСЕ.

„Не можеме да најдеме решение по кое една од двете страни ќе биде ‘поразена’“, рече тој. „Мора да најдеме начин со кој двете земји ќе продолжат со студени глави. Мислам дека тоа е можно… Треба внимателно и во вистинското време да ги направиме вистинските чекори“.

Новиот македонски премиер Зоран Заев минатиот месец во Брисел предложи дека неговата земја би можела да пристапи во НАТО и ЕУ под привремено име во обид да се прекине спорот, вели РСЕ.

„Со новата влада подготвена активно да се вклучи во спроведувањето на заостанатите реформи, постои вистинска можност земјата да се придвижи напред на патот кон интеграциите во Европската Унија“, рече шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, на прес-конференцијата.

„Атмосферата е оптимистичка, тука мислам и на работите што беа тешки во минатото и кои во иднина се надевам би можеле да бидат помалку тешки“, рече таа.