Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаДали на Скопски пазар му “бегаат” вработените?

Дали на Скопски пазар му “бегаат” вработените?

Незавидната состојба во која се наоѓа Скопски пазар ги загрижува вработените и ја прави неизвесна нивната иднина. Последните случувања со продажба и издавање на атрактивни објекти на компанијата, кои дојдоа како конечна потврда дека некогашниот трговски гигант ја загуби борбата со конкуренцијата, дополнително ја отежнуваат позицијата на вработените.

Помал дел од вработените кои успеале да најдат работа заминале самоиницијативно, свесни дека Скопски пазар нема иднина на пазарот, а дел од работничките, околу 80, се префрлени на работа во ЗУР и Кит-го, двете фирми кои сега ги рентаат маркетите на СП, а некои и ги купија. Дел од работниците морале да завршат и како технолошки вишок. Ваквиот трансфер на работници го потврди и директорот Давитковски кој истакна дека компанијата настојувала со секое издавање или продавање на меркет да ги префрли и вработените во новата фирма.

Во дописите на вработените до медиумите се наведува дека во период од три години, од 2014 до 2017 година има доцнење во исплатата на три плати, како и неисплатени трошоци за здравствено осигурување со што работниците се принудени да плаќаат приватно лекување. Заклучно со минатата недела, тие не примиле плата за декември. Стравуваат за своите работни места, затоа што компанијата во последните три години го преполовила бројот на вработени – од 400 во 2014 година, денес се сведени на околу 200.

Од последниот полугодишен извештај на Скопски пазар доставен до Македонска берза се гледа дека за шест месеци, компанијата направила профит од нецели 10 илјади евра. Во текот на минатата година, за само девет месеци, приходите од продажба паднале за 23 отсто. Во изминатите три години компанијата загубила 60 проценти од своето пазарно учество.

Лани, доминацијата на актуелното раководство на Скопски пазар, семејството Давитковски, го разниша компанијата Современ дом од Прилеп, кој најави влез и санирање на состојбите во СП и стана најголем поединечен акционер. Во ситуација кога првите луѓе на компанијата предводена од Сашо Давитковски масовно го распродаваат и издаваат атрактивниот имот, дел од вработените се сомневаат дека парите  всушност завршуваат за откуп на акции од страна на актуелното раководство, кое се обидува да го задржи приматот во СП. За овие обвинувања од вработените, раководството не сака да зборува.

Вработените се надеваат дека голем дел од дилемите поврзани со иднината на Скопски пазар ќе се расчистат во наредниот период кога ќе се одржи акционерското собрание. Според извори во фирмата, постојат тужби и кривични пријави поднесени против раководството на СП, кои дополнително ќе ја разгорат борбата за превласт во некогашниот трговски гигант.