Tuesday, May 7, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДачиќ повторно ја нападна Македонија

Дачиќ повторно ја нападна Македонија

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, по состанокот со неговиот грчки колега, Никос Коѕијас, во Атина изјави дека Србија направила грешка кога пред 20 години ја признала Македонија под уставно име.

– Сметам дека Србија направи грешка пред 20 години кога го призна Скопје под името Република Македонија. Тоа не беше коректно спрема Грција, а Скопје секогаш имаше негативен став спрема прашањето за Косово и Метохја. Тие ја признаа независноста на Косово и гласаа за прием на Косово во УНЕСКО – изјави Дачиќ.

Тој додаде дека Србија нема да повлекува никакви потези кои би можеле да ја нарушат стабилноста на регионот и дека „за разлика од некои други народи, Србија нема територијални претензии кон делови на Грција“.

Дачиќ по средбата истакнал дека основата идеја во односите помеѓу Грција и Србија е тоа дека тие се „пријатели односно браќа“.

В четврток во Солун ќе биде одржан состанокот на Високиот совет за соработка помеѓу Србија и Грција, а делегацијата на Србија ќе ја предводи претседателот Александар Вучиќ.

На почетокот на годината српскиот шеф на дипломатијата во интервју за агенцијата „Бета“ имаше слична изјава во врска со признавањето на Македонија под уставното име и рече дека „биле будали“ што ја признале Македонија.

– Србија направи голема грешка. Цела Европа и целиот свет го користат називот Поранешна Југословенска Република Македонија, а ние им удривме шлаканица на нашите браќа Грци и сега очекуваме од Грците да не го признаат Косово, а Македонија ја признавме навредувајќи ги Грците, додека тие (Македонците) секогаш гласаат за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали – изјави Дачиќ.