Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАСветАвстрија ги разбесни Турците со порака на аеродром

Австрија ги разбесни Турците со порака на аеродром

Од турското министерство за надворешни работи го повикале заменик амбасадорот на Австрија во Анкара на разговор поради „недоличниот натпис“ за Турција на екран со вести на виенскиот аеродром. Турските власти го изразиле своето големо незадоволство поради пораката која што била испишана на еден од главните екрани со информации на аеродромот во Виена.

„Турција дозволува сексуален однос со деца помали од 15 години“, пишувало на екранот со вести, а фотографијата од виенскиот аеродром започна да кружи на интернет.

„На заменик амбасадорот на Австрија јасно му ја изразивме нашата вознемиреност и му ја пренсовме реакцијата поради натписот кој го нарушува угледот на Турција и намерно погрешно ја информира јавноста“, изјавил висок турски функционер, додавајќи дека натписот бил отстранет по реакцијата на турското министерство за надворешни работи.

Турскиот уставен суд минатиот месец донел одлука за отстранување на членот од казнениот закон според кој сите облици на сексуален однос со деца помали од 15 години досега се сметаа за сексуално злоставување. Напнатоста во односите помеѓу Турција и Европската Унија на чело со Австрија се заостри откако турските власти започнаа со масовна чистка на сите вмешани во неуспешниот воен државен удар на 15-ти јули.

Откако турските власти започнаа да апсат од војници, па се до професори, судии и новинари, неколку австриски министри јавно се огласија против долгогодишните напори на Турција да се приклучи во Европската унија, а високи функционери дури порачаа дека Ердоган го режирал државниот удар по примерот на Хитлер и палењето на Рајхстагот.

Австрискиот министер за одбрана Ханс-Петер Доскозил јавно изјави дека во Турција владее диктатура, додека турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу возврати така што Австрија ја нарече „светска престолнина на радикалниот расизам“.