Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДипломатски клуб: Аеродромот да се преименува во „Киро Глигоров“

Дипломатски клуб: Аеродромот да се преименува во „Киро Глигоров“

Дипломатскиот клуб – Скопје дава поддршка, скопскиот меѓународен аеродром да го носи името на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров.

– Нагласуваме дека од скопскиот аеродром отпочнуваа и на него завршуваа бројните „походи“ на претседателот Глигоров во светот, неговите патувања посветени на мирот и пријателството, а за меѓународно етаблирање на македонската држава. Во негово присуство овде, прв пат, во практика се воведени протоколарните манифестации како што се веење на државното знаме, интонирање на химната, постројување на почесната гарда, со кои пред светот Република Македонија се претстави како самостојна и независна држава. Од овој аеродром полетаа и првите авиони со македонски државни ознаки, се истакнува во соопштението на Извршниот одбор на Дипломатскиот клуб.

Именувањето на скопскиот аеродром со името на претседателот Глигоров, на најдостоен начин ќе се материјализира оценката за неговата голема улога во процесот на создавањето на Македонија како современа држава – траен паметник во колективната меморија на нејзините граѓани, сметаат од Дипломатскиот клуб.

Извршниот одбор на Дипломатскиот клуб исто така поддржува и иницијативата на Филателистичкиот сојуз на Македонија за издавање на поштенска марка по повод 100-тата годишнина од раѓањето на претседателот Киро Глигоров.

Од Клубот потсетуваат дека оваа година се одбележува јубилејот, сто години од раѓањето на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.