Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитика„Ејџијан ерлајнс“ повторно ќе лета на релација Атина – Скопје

„Ејџијан ерлајнс“ повторно ќе лета на релација Атина – Скопје

По повеќе од една деценија, најголемиот грчки оператор „Ејџијан ерлајнс“ повторно ќе ја воспостави авионската линија помеѓу Атина и Скопје во јуни 2018 година, соопштија од грчката компанија.

Потпретседателот на компанијата, Ефтихиос Василакис, вчера го претстави новиот пакет на летови како дел од плановите за проширување на летниот период на „Ејџијан“ за 2018 година, во кој ќе се додадат осумнаесет нови дестинации во неговата мрежа, вклучувајќи ги Скопје, Загреб и Задар.

Превозникот допрва треба да ги пушти во продажба билетите за новата линија во Скопје. Македонскиот главен град беше првата меѓународна дестинација на „Ејџијан ерлајнс“ уште во 2003 година, меѓутоа летовите беа прекинати подоцна, кога односите помеѓу Македонија и Грција се влошија.

Наредното лето „Ејџијан ерлајнс“ од Атина ќе лета до Палермо, Болоња, Малага, Базел, Загреб, Задар, Вилнус, а ќе има и седум нови рути од грчките регионални аеродроми Крф – Москва, Санторини – Тел Авив, Миконос – Тел Авив, Миконос – Бејрут, Родос – Лион, Родос – Бејрут, како и Хераклон – Бејрут.

Соопштението доаѓа по добрите резултати објавени од двата меѓународни аеродроми во Македонија во текот на првите три квартали. Во Скопје и во Охрид патувале вкупно 1.546.193 патници во периодот јануари – септември годинава, што претставува зголемување од 12 отсто во споредба со 2016 година.

Двата аеродрома „Александар Велики“ и „Св. Апостол Павле“ од јануари до септември, опслужиле вкупно 13.752 летови, што е зголемување за 6 проценти на годишно ниво.