Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАСветАмбасадорот на ЕУ во Турција си даде оставка

Амбасадорот на ЕУ во Турција си даде оставка

Шефот на мисијата на Европската унија во Турција, Хансјорг Хабер, поднесе оставка и ќе се повлече од функцијата на 1 август, потврди денеска на прес-конференција во Брисел потрпаролката на Еврокомисијата, Маја Коцијанчич.

„Потврдувам дека амбасадорот Хабер, кој се наоѓа на чело на ЕУ-Делегацијата во Анкара, поднесе оставка и заминува на 1 август. Во моментов ги правиме потребните чекори за да именуваме нов шеф на Делегацијата во Турција. Тоа е сѐ што можам да кажам во моментов“, изјави Коцијанчич.

Хабер претходно ја критикуваше земјата каде што амбасадорува, за примената на договорот со ЕУ за контрола на бегалската криза, поради што беше повикан во турското Министерство за надворешни работи. Тој на функцијата во Анкара беше само една година. Коцијанчич на прес-конференцијата не сакаше да коментира дали причина за оставката е резултат на бурата незадоволство што следуваше во Турција откако Хабер неодамна изјави дека „Турците треба да работат како Германци“.

Таа потврди дека амбасадорот неодамна добил демарш во турското МНР.

Денеска премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, изјави дека Турција никогаш нема да го промени својот антитерористички закон, дури и ако тоа значи пропаѓање на договорот со ЕУ со цел укинување на визите за граѓаните на Турција.