СДСМ: Собранието брзо ќе ја избере новата влада
Македонија мора да оди напред. Собранието брзо ќе ја избере новата реформска влада на Република Македонија, велат во денешното соопштение од СДСМ.
– Граѓаните избраа промени и избраа да ги водат сериозни политичари кои се грижат за интересите на луѓето и на државата, наспроти политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои се обидуваат да ја турнат земјата во длабока политичка криза и изолација, истакнуваат од партијата.
СДСМ, како што додаваат, внимателно како и досега ги води политичките процеси што водат кон реализација на мнозинската волја на граѓаните и даваат пример како се работи во интерес на граѓаните и на државата.
Од СДСМ порачуваат дека никој нема право да ја спречи демократски изразената волја на мнозинството на граѓаните на избори.
– Шеесет и седум пратеници застанаа зад Заев. Има демократски формирано парламентарно мнозинство. Има програма на новата влада што ја штити унитарноста на државата и ги обезбедува потребите на сите граѓани, истакнуваат од СДСМ.
Во партиското соопштение се нагласува дека нема време за губење и оти Парламентот и претседателот Ѓорге Иванов мора да овозможат мирен трансфер на власта.