Тампон зона пред Собрание, голема поддршка за СЈО
Граѓанскиот протест поттикнат од здружението „Протестирам“ на кој се приклучија бројни организации како Пленумот, но и стотина активни граѓани се собраа пред канцеларијата на Специјалното јавно обвинителство. Тука пристигнуваат и повеќе членови на СДСМ меѓу кои активни и поранешни функционери, но се уште не станува збор за партиски собир со излегување на членството.
Стојанче Ангелов е меѓу демонстрантите откако повика да не се протестира насилно и да не се напаѓа полицијата, а вети дека секој провокатор самиот ќе го совлада и дека ќе го предаде на органите на редот. Се делат и памфлети со пораки да не се наседнува на насилните излици на поединци, а доколку полицијата реши да интервенира демонстратите мирно да се повлечат и разотидат.
Граѓаните истакнаа повеќе транспаренти за поддршка на работата на СЈО, барање одговорност за осомничените политичари кои беа аболицирани, како и креирање на демократска атмосфера за одржување на избори. Повторно се извикува Нема правда, нема мир; Оставка; а излици на поддршка има и за омилената специјална обвинителка Фатиме Фетаи.
Истовремено се подготвува и контра-протест па затоа и едната страна на пристап до Собранието од семафорот кај Градскиот трговски центар е целосно блокирана од страна на полициски сили кои имаат задача да одржуваат тампон зона меѓу двете групи на граѓани. Тоа дава надеж дека сите последни шпекулации за насилство и судири нема да се остварат.
Демонстрантите по изразувањето на поддршка ќе тргнат токму кон Собранието, а по пат улицата Даме Груев која води кон новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ исто така е целосно блокирана и добро обезбедена.
Репортер: Христијан Станоевиќ
Фото: Кристина Атовска