Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЖерновски: И давам целосна поддршка на СДСМ во битката за Центар

Жерновски: И давам целосна поддршка на СДСМ во битката за Центар

Како одговорен човек и политичар, секогаш ќе ги ставам единството и напредокот пред личните интереси. Затоа ја повлекувам независната кандидатура и давам целосна поддршка на партијата во новата битка која ни претстои, напиша на „Фејсбук“ актуелниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски откако премиерот Заев објави дека СДСМ ќе има свој кандидат на локалните избори.

„Во договор со премиерот Заев, одлучив да ја продолжам кариерата на висока раководна позиција во централната власт и да станам дел од партијата која тој ја предводи. Со него имам одлична соработка и голема меѓусебна доверба и почитување. Токму затоа и решив да ја прифатам неговата понуда и заедно да продолжиме во нови победи. Во исклучително бурни времиња, преполни со уцени и закани, успеавме да направиме многу за општината, но и за соборувањето на режимот на Никола Груевски. Покрај сите притисоци, напади и опструкции, ги разобличивме сите злоупотреби на ВМРО-ДПМНЕ во Центар, но и реализираме 230 проекти од интерес на граѓаните“, напиша Жерновски.

Заев вчера изјави дека СДСМ ќе има свој кандидат во Центар на локалните избори, а дека во игра се повеќе имиња.

Официјалната одлука на партијата ќе биде донесена денеска, но неофицијално директорот на ЈП ПОЦ, Саша Богдановиќ, ќе биде кандидат на владејачката СДСМ за градоначалник на Општина Центар.