Thursday, May 2, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаконот за јазиците помина на Комисија за европски прашања

Законот за јазиците помина на Комисија за европски прашања

Законот за употреба на јазиците го помина првото читање во собраниската Комисија за европски прашања. Пратениците со девет гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ од вкупно 18 членови, го усвоиле заклучокот дека законот е прифатлив од аспект на неговата усогласеност со правото на ЕУ и дека треба да се даде на понатамошно читање.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, побара наместо оваа Комисија, предлог-законот да го разгледува Комисијата за политички систем како матично тело.

– Оваа комисија не е матичното тело. Предлог-законот треба да го разгледува Комисијата со која претседава Александар Кирацовски, генерален секретар на СДСМ. Да го слушнеме неговото мислење и да го слушнеме мислењето од Комисијата за да може содржински да расправаме за тоа што Владата ни го наметнува и сака да го помине за три дена – рече Милошоски.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, му реплицираше дека според деловникот, претседателот на Собранието одредува кое е матичното тело и го одби неговто барање.

Пратеникот Ејуп Алими, кој е и координатор на пратеничката група на ДУИ, во завршниот говор за предлог-законот за унапредувањето на употребата на јазиците, рече дека со овој закон ќе се надминат јазичните бариери и ќе се подобри меѓуетничка толеранција.

– Предложениот закон за употреба на јазиците ниту значи двојазичност на цела територија на Република Македонија, ниту било какви права кои излегуваат надвор од Уставот – рече Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ.