Tuesday, Apr 30, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаЗакани со притвор за „шарените револуционери“, половина Битола на информативен разговор

Закани со притвор за „шарените револуционери“, половина Битола на информативен разговор

Битолската полиција работејќи во две смени ги сослушува учесниците од „Шарената револуција“ во Битола. На информативен разговор деновиве се повикани повеќемина битолчани, од поранешни водачи на други протести, учесници во уличните герили, па с` до граѓани кои на протестите на „шарените“ се во задните редови. Во распитите ни овој пат беше одминат фармерот Душко Илиевски, кој на јавноста ~ е познат како водач на фармерите кои во 2010 година протестираа барајќи си ги неисплатените пари за млекото од шведската млекарница „Сведмилк“ – пишува Утрински весник.

„Ме прашуваа зошто сум фрлал со боја врз Општината. Јас им реков дека не фрлав, а тие ми одговорија дека ме имале снимено. Потоа прашуваа кој уште фрлал. Им одговорив кога имате снимка зошто ме прашувате? Ми рекоа дека сум нападнал службено лице на протестите. Откако излегов од полиција не можев да си го најдам возилото, најверојатно го крена ’пајакот‘“, рече Илиевски.

Тој во 2010 година беше предводник на битолската улична герила. За време на протестите на фармерите, во таканаречениот црн марш, одеше напред со венец во рацете, а по протестите беше обвинет дека одгледува марихуана на нивата со компири и заедно со брат му и татко му беа притворени 12 дена. Подоцна преку судски процес се докажа дека се работело за див коноп и дека семејството е невино.

Заради учество во Шарената револуција на распит беше повикан и неговиот колега, водачот на тутунарите од протестите во 2011 година, Кире Неделковски од битолското село Вашарејца.

„Ме повикаа телефонски, итно да се јавам во полиција. Отидов, а таму н` испитуваше инспекторка. Ме праша ’зошто протестирате, сакате да го збогатите Заев?‘ и ми рече дека фрламе врз општината и ништиме споменици. На крај ми рекоа ’ако продолжите да протестирате на ваков начин, ќе ве притвориме‘“, рече Неделковски.

Полицијата сослуша и дел од герилците од чии акции Битола во изминатите два месеца беше во фокусот на вниманието во Македонија. На распит беше и битолчанецот Иван Чулаковски кој пред еден месец фрлаше лажни евра врз градоначалникот Владимир Талески кој држеше прес конференција со министерот за транспорт Мисајловски на патот Битола-Ресен. На лажните евра беше испечатен ликот на Талески и испишана сума од 360 000 евра. Додека траеше прес конференцијата, позади функционерите герилците истакнаа транспарент на кој пишуваше „Честито аболиција“.

На сослушувачката клупа седнаа дури и девојки поради учество во Шарената револуција. Меѓу нив и младата Климентина Митревска, која за време на герилата во која демонстрантите на шега пуштаа во употреба стадион на „Магнолија“, го држеше транспарентот „Стадион Владимир Талески Двојче“.

„Поканата ми ја донесоа дома полицајци. Бидејќи не бев во моментот присутна да ме земат со нив, ја оставија поканата на моето семејство. Сите се вознемирија, па дури и соседите, зашто досега кај нас дома не доаѓала полиција. Јас не чувствувам никаков страв и нема да подлегнам на притисоци, ќе продолжам да протестирам“, изјави таа.

Од битолската полиција не откриваат колкав е бројот на битолчани повикани на информативен разговор. Велат дека ова е тековна работа на нивните служби кои постапуваат по барање на јавниот обнинител. Засега не откриваат ни дали против учесници од Шарената револуција ќе бидат поднесени кривични пријави.