Wednesday, May 1, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев се надева до 5 јуни да го укине екстерното тестирање

Заев се надева до 5 јуни да го укине екстерното тестирање

Ние ќе побрзаме со формирањето влада за да можеме пред 5 јуни, датумот на екстерното тестирање, со одлуки или со закон да го укинеме овој експеримент, кој се покажа како неуспешен, рече мандатарот за составување на новата влада, Зоран Заев, откако претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, му го врачи мандатот.

– Ние ветивме укинување на екстерното тестирање, тоа ќе биде само уште една причина да побрзаме со формирање на владата, зашто искрено и длабоко во нашите политички концепти веруваме дека овој механизам на екстерно тестирање навистина предизвикува траума најмногу кај децата, со тоа нивните родители и нивните наставници – рече Заев.

Тој беше категоричен дека екстерното тестирање во својата досегашна форма било неуспешно и мора да се отфрли.

– Македонија мора да има корективи за испорачување на знаење кое е вредно за нашите деца, но овој експеримент кој беше имплементиран се покажа како неуспешен и затоа се надевам дека пред првиот испит ќе можеме со одлуки или со закон, како е тоа нормирано, да го отстраниме, секако, надевајќи се дека до тој рок ќе има влада – рече Заев.