Friday, May 17, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев: Нема двојанационална држава, нема промена на државните симболи

Заев: Нема двојанационална држава, нема промена на државните симболи

Македонија нема да биде двонационална држава. Нема да ги менуваме државните симболи. Бугарија отсекогаш имала принципиелна позиција и пријателски однос кон нас. Ова се ставови на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, дадени во интервју за бугарската агенција БГНЕС.

„Очекувам во Македонија демократските процеси да се движат во согласност со Уставот, деловникот на Собранието и законите на Македонија. Тоа значи новоизбраниот претседател на Собранието да добие печати, да биде прогласен за избран во Службен весник, а потоа да го пушти писмото до претседателот Ѓорге Иванов за давање мандат на новиот кабинет. Ова се работите што секој нормален човек ги сака во нашата Македонија. Сепак, ова е можно со многу трпение, бидејќи нашиот политички противник не е подготвен да ја предаде власта. И денес го опструираше новиот претседател да не почне да ги исполнува своите обврски. Нашите противници сфаќаат дека има демократски избран претседател. Честитки дојдоа од целиот свет – од ЕУ, од САД. Но, за жал, не можам да кажам дека нема да прават пречки. Сепак, прашањето ќе биде решено преку легални процедури“, објасни Заев.

„Правото на протест е загарантирано во секоја демократска држава. Поради оваа причина минатиот четврток одговорив на сите прашања на опонентите од ВМРО-ДПМНЕ. Јасно одговорив дека сè што ќе правиме ќе биде во интерес на интегритетот на Македонија и во согласност со Уставот. Република Македонија нема да биде двонационална држава, таа ќе остане таква каква што е. Никој нема да наметнува странски интереси. Во однос на “Тиранската платформа” – тука станува збор само за преговори меѓу политичките партии за формирање влада. Сè што ќе прави владата ќе биде во интерес на сите нејзини граѓани и на Република Македонија“, изјави Заев во интервјуто.

Сепак, нагласи тој, „во декларацијата на албанските партии има една спорна точка и ние јасно кажавме дека не се согласуваме со неа. Тие сакаат да започне дебата за државните симболи на Република Македонија – за знамето, грбот и химната. Ние не можеме да ги запреме дебатите, но ние сме против оваа промена. Против промената на уставното име на нашата земја – Република Македонија. Сето ова служи како алиби на нашиот политички противник, за да не ја предаде власта на новото парламентарно мнозинство“, рече Заев. Тој беше категоричен дека не држат обвинувањата дека ги распродава интересите на Макеоднија за да дојде на власт. . „Роден сум недалеку од бугарската граница. Се што имам, е Македонија и нема да ги продавам националните интереси. Македонија е татковина на Македонците и на другите заедници – знаете тука имаме Бугари, има Срби, Роми, Власи, Турци, имаме и Албанци. Таа е наша татковина“, порача тој во интервјуто.

Околу односите со Бугарија, Заев најави нормализација и подобрување на односите.

„Бугарија е пријател на Македонија, и тука нема никаков спор. Бојко Борисов како поранешен и иден премиер ни се јави и на мене, и на Никола Груевски. Ова е демонстрација на загриженост за Македонија и за сите нејзини граѓани. Тоа е пријателски однос. Има желба да помогне, и јас лично сум благодарен за овој однос од страна на еден голем пријател на Македонија и иден премиер“, рече Заев, па додаде:

„За Бугарија ние сме братски луѓе, еден народ. Македонија сака нормализација. Како потенцијален носител на мандат испраќам пријателски поздрави до Бугарија од соседна Македонија, која сака да биде полноправна членка на ЕУ и НАТО. И тоа природно може да се случи ако ја продлабочиме соработката и со Бугарија“, рече Заев во интервјуто за БГНЕС.