Thursday, May 2, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев: Ќе бидам премиер на сите, најавувам одговорна, реформска, европска Влада!

Заев: Ќе бидам премиер на сите, најавувам одговорна, реформска, европска Влада!

Најавувам дека ќе предводам реформска влада во Македонија, истакна мандатарот Зоран Заев во образложението на предлог-програмата и предлог-составот на новата влада, која е единствена точка на дневниот ред на втората седница на Собранието на Република Македонија.

Наши три клучни темели, потенцираше, ќе бидат посветеност на економијата и живот на сите, на силни професионални институции и правда за сите и на Европската унија и НАТО и перспективи за сите.

Истакнувајќи дека ќе работат чесно и посветено исклучиво за потребите на граѓаните на Македонија, мандатарот Заев рече дека Македонија ќе биде држава на сите граѓани и оти ќе се гради обединето општество кое ќе обезбеди стабилност.

– Наша цел е почеток на преговори со ЕУ и членство во НАТО во најкраток рок, рече Заев.

Во фокусот на владата, како што наведе, ќе биде развојот на економијата и стандардот на граѓаните, при што најавува просечна стапка на раст од пет проценти, зголемување на минималната плата на 16.000 денари и до 30.000 на просечната плата.

Дел од мерките во програмата се поддршка на домашните претпријатија пред се малите и средните, активни мерки за вработување преку кои годишно би се вработиле по 16 илјади лица во приватниот сектор, како и промени во даноците и социјалните трансфери.

Освен економски развој, според Заев, најсериозна ќе биде и реформата во правосудството, а Македонија ќе биде правна држава за сите.

Во новата влада, според предлогот-составот што го достави во Собранието во неделата мандатарот Заев, министри ќе имаат СДСМ, ДУИ и Алијанса на Албанците, кои имаат мнозинство од 62 пратеници во 120-членото Собрание.

Во Предлог-програмата на новата влада, доставена до Собранието, се наведува дека парламентарното мнозинство е силно посветено на зацврстување на унитарноста, суверенитетот и стабилноста на Република Македонија и оти ја декларира својата силна политичка волја за формирање реформска влада која ќе се фокусира на заедничките стратешки приоритети на земјата, членство во НАТО и Европската унија и ќе обезбеди брзо и одржливо надминување на политичката криза преку обезбедување реална поделба на власта, функционирање на правната држава и градење силни и професионални институции.

– Политичките приоритети на владата ќе се потпрат врз препораките од Извештајот на Прибе, како и итните приоритети дефинирани од Европската унија. Парламентарното мнозинство ќе биде посветено на изградбата на добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебно почитување и толеранција и спроведување на Охридскиот рамковен договор, се наведува во Предлог-програмата.

Ваквата реформска агенда, како што се посочува, ќе ги овозможи заедничките цели кои ги споделуваат граѓаните на Република Македонија: подобар живот на сите граѓани, развој на економијата, враќање на демократијата, владеење на правото и на правдата, еднаквост на граѓаните, ефикасни институции, квалитетно образование и здравство, како и подобрување на меѓународниот углед и позиција на Република Македонија.