Sunday, Apr 28, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионВучиќ води во српските обложувалници

Вучиќ води во српските обложувалници

Според обложувачките коефициенти што ги објавија двете најголеми облажувалници во Србија, на претстојните претседателски избори ќе победи актуелниот премиер и лидер на Српската напредна партија, Александар Вучиќ, но процентите се разликуваат во поглед на тоа дали победата ќе се случи во првиот или вториот круг.

Во двете обложувалници, по Вучиќ како фаворит, следуваат опозициските кандидати, поранешниот омбудсман, Саша Јанковиќ, и поранешниот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ.

Обложувалницата „Моцарт“ за победата на Вучиќ нуди коефициент 1,03, а обложувалницата „Меридиан“ – 1,02, што значи дека за секој вложен динар се добива динар и две пари.

Саша Јанковиќ е втор фаворит во двете обложувалници, со коефициент 30 во „Моцарт“ и 18 во „Меридиан“, а трет е Вук Јеремиќ со коефициент 35, односно 32.

Во случајот со Воислав Шешељ, прогнозите на двете најголеми обложувалници значително се разликуваат. За негова победа „Моцарт“ нуди коефициент 200, а „Меридијан“ 50, додека за лидерот на движењето „Двери“, Бошко Обрадовиќ, коефициентите се слични – 800 во „Моцарт“ и 750 во „Меридијан“.

Најголем хаос во обложувалниците предизвика последниот пријавен кандидат, 24-годишниот Лука Максимовиќ од Младеновац, познат како „Љубиша Прелетачевиќ – Бели“ и предводник на движењето СПН (Сарму пробо ниси). Кога во понеделникот вечерта беше прифатена неговата кандидатура, коефициентот за неговата победа во „Меридијан“ беше 1.000, но вчера беше намален на 100.