Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВучиќ: Македонија во Србија има искрен пријател

Вучиќ: Македонија во Србија има искрен пријател

Доброто пријателство меѓу Македонија и Србија е исклучителен потенцијал за продлабочување на односите помеѓу двете земји, бил заклучокот на денешната средба помеѓу премиерот Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград.

Заев и Вучиќ се договориле да продолжат заедничките проекти кои придонесуваат за евроинтеграцијата на двете држави.

„Од особен интерес е соработката и на безбедносните прашања, економската и социјална благосостојба на граѓаните на двете земји, како и регионалните иницијативи за кои и од Република Македонија и од Република Србија има особено голем интерес“, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Вучиќ по средбата со Заев изјави дека Македонија во Србија има искрен пријател, информираа од кабинетот на српскиот претседател.

Според Вучиќ, заедничка цел и најголем интерес на двете земји треба да бидат мирот и стабилноста на регионот и дека Србија е отворена за сите инцијативи кои ќе придонесат за тоа.

Вучиќ ја истакнал поддршката на Србија на европскиот пат на Македонија и нагласил дека Србија избрала воена неутралност, а Македонија членство во НАТО, но дека е неопходно секоја земја да го почитува изборот на другата.