Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЦипрас за Божик кај Вучиќ, Заев за Нова година кај Бутарис

Ципрас за Божик кај Вучиќ, Заев за Нова година кај Бутарис

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе престојува во Белград како гостин на Вучиќ за време на божикните празници, пренесуваат грчките медиуми.

Ципрас со семејството вчера отпатувал во Белград каде што ќе го помине Божиќ, на покана на српскиот претседател Александар Вучиќ, јави грчката агенција АНА-МПА.

Грција го слави Божиќ по Грегоријанскиот календар.

Ципрас престојуваше во Белград и на почетокот на овој месец, кога со Вучиќ и со колегите од Бугарија и Романија, Бојко Борисов и Михаи Тудосе разговараа за унапредување на економската соработка, стабилноста во регионот и евроинтеграциите на Србија.

Премиерот Зоран Заев, Нова година ќе ја дочека во Солун, каде домаќин ќе му биде градоначалникот на градот, Јанис Бутарис, пренесува порталот „Нова“.

Заев ја прифатил поканата која Бутарис му ја упати додека беше во работна посета на Скопје во ноември, и кога се сретнаа со македонскиот премиер.

Освен што го покани во Солун, во знакот на добрососедските односи, Бутарис истакна и дека ќе се залага, следната средба на премиерите Заев и Алексис Ципрас, да се одржи токму во Солун.

Премиерот во ноември рече дека со солунскиот градоначалник се согласиле дека политичарите од двете земји имаат обврска да ги отворат перспективите на граѓаните и додаде дека тие можат да излезат како победници ако изнајдат решение на повеќедеценискит спор со името.