Friday, May 3, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионВучиќ со идеја за Стара Југославија плус Албанија

Вучиќ со идеја за Стара Југославија плус Албанија

Актуелниот српски премиер и иден претседател Александар Вучиќ се изјасни за создавање на економски и пазарен простор на територијата на поранешна Југославија, кој ќе ја вклучува и Албанија.

Според него, тоа ќе доведе до подобрување на економиите на земјите и регионалната соработка.

Во своето прво интервју како новоизбран претседател за „Политико“ изјави дека „другите земји од регионот, кои ќе го прифаатат неговиот план, ќе создадат пазар за 20 милиони луѓе што е многу важно за привлекување на повеќе инвеститори“.

„Мислам дека и останатите го разбираат тоа нешто“, вели Вучиќ.

На прашањето дали сака да создаде нова Југославија, тој одговара: „Станува збор за Стара Југославија плус Албанија“. „Станува збор за политичка идеја, без да се загрози суверенитетот на овие држави. Да се покренат нашите економии. Ние имаме потреба од економски раст во рамките на 4-5 отсто, а не од 3 отсто годишно. Тоа не е доволно“ , појаснува Вучиќ.

На прашањето како планира да постигне слична соработка со оглед на тензиите во соседните држави, Вучиќ вели дека „Тито успеал да го стори тоа“ .

„Тој беше комунистички диктатор, но многу научен човек. Може ли да замислите, тој беше бравар? Но многу умен. Знаеше како да ги поврзе луѓето. Тоа ни е потребно – да контактираме со луѓето“, вели тој и дава пример со млекарница, која извезува јогурт и сирење во Босна и Херцеговина“.

“Нивните камиони треба да чекаат барем 36 часа на границата, за да поминат низ целата инспекција и не знаеме зошто е тоа така. Сите компании ќе заштедат најмалку 7 отсто од трошоците“, појаснува Вучиќ. Во однос на конфликтите на Балканот српскиот претседател вели:

„Што и да се случи во Косово, тоа секогаш ќе биде меѓу Србија и Албанија. Ако барем едната страна е разумна, ќе ги избегнеме проблемите. Во Босна сепак има три страни и не е лесно да се справиш со работите. Босна е вистинско буре барут“. Тој предвидува дека таму нема да има референдум за отцепување од федерацијата.