Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНово поглавње во односите меѓу Македонија и Албанија – премиерите денеска во посета на Пустец

Ново поглавње во односите меѓу Македонија и Албанија – премиерите денеска во посета на Пустец

Заедничката седница на владите на Македонија и Албанија во Поградец отвора ново поглавје во билатералните односи на двете земји и значи работење на решенија што водат до спокојна и безбедна иднина на нашите граѓани и нашите земји, а не на нивно одложување, порача македонскиот премиер Зоран Заев вчера во пограничниот албански град, пренесува службата за информирање.

Според Заев, владите на Македонија и на Албанија испраќаат силна порака во регионот, дека двете држави имаат одговорни политички раководства коишто работат искрено и отворено, со цел да го подобрат квалитетот на живот на граѓаните во двете земји и за добра и безбедна иднина на двете држави во евро-атлантското семејство.

– Албанците во Македонија и Македонците во Албанија навистина се мост за градење поблиски врски и соработка и тоа треба да го имаме секогаш предвид – порача македонскиот премиер.

Тој посочил дека за Македонија ЕУ и НАТО не се само политички интерес, туку и можност за економски развој на државата и финансиска стабилизација на граѓаните. Заев и во Поградец ја искажал увереноста дека Македонија следната година ќе почне преговори за членство во ЕУ.

– Со право очекуваме дека идната 2018 заедно ќе започнеме преговори за членство во ЕУ, како Македонија така и Албанија – рекол премиерот Заев, заблагодарувајќи се на Албанија за поддршката.

Албанскиот премиер Еди Рама го поздравил придонесот на Заев во изградбата на Македонија во едно општество за сите, функционални институции и социјална кохезија, а најавил засилена соработка во инфраструктурата, патниот и железничкиот сообраќај, меѓугранични и царински олеснувања и вложувања во енергетиката.

По меѓувладината седница потпишана е заедничка Декларација за поголема заедничка соработка, а премиерите потпишале и Меморандум за разбирање, за превенција и сузбивање насилен екстремизам и радикализација којашто води кон тероризам.

Заев и Рама денеска ќе ги посетат Македонците кои живеат во Мала Преспа и Пустец, а ќе имаат средба претставниците на локалната самоуправа и ќе донираат опрема за учениците.

Следната меѓувладина седница ќе се одржи следната година во Охрид и во Струга.