Wednesday, May 22, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВработените во фирмите на Кочан на протест пред Апелација – бараат правда за нивниот газда

Вработените во фирмите на Кочан на протест пред Апелација – бараат правда за нивниот газда

Со транспаренти на кои беше испишано „СДСМ против Бошњаците во Македонија“, „СДСМ преку СЈО ги убива медиумите“, „Правда за Сеад“ и извици на „Правда за Сеад“, „Сеад не го даваме“, „Трансмет, Трансмет“ вработени во компанијата „Трансмет“ и во телевизијата „Нова“, како и припадници на Бошњачката заедница денеска протестираа пред Апелацискиот суд во Скопје и бараа осомничениот Сеад Кочан, кој е сопственик на нивните фирми да не оди во притвор.

На протестот се обрати уредничката на телевизијата „Нова“, Билјана Трендафилова, која изјави дека притворот за Кочан претставува удар врз слободата на медиумите.

Поради протестот на стотината граѓани, блокирана е крстосницата на потегот кај МАНУ.

Бизнисменот Кочан е првоосмничен во случајот „Труст“ на СЈО. Тој се сомничи за злоупотреба на службена положба во 2012 година кога бил управител на „Трансмет ДОО“, дека со лажни документи добил тендер од ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра. Мерката притвор му беше одредена минатиот четврток, а истиот ден Кочан ја напушта државата и станува недостапен за полицијата. МВР распиша меѓународна потерница по Кочан, а адвокатот Додевски тврди дека неговиот клиент е на службен пат.

Вчера на јавна седница во Апелацискиот суд се расправаше по жалбата на одбраната на Кочан за притворот кој на бизнисменот му го одреди Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1. Одлуката треба да биде објавена денеска.