Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВМРО-ДПМНЕ без реакција на извештајот на ОБСЕ/ОДИХР

ВМРО-ДПМНЕ без реакција на извештајот на ОБСЕ/ОДИХР

ВМРО-ДПМНЕ ја кажа својата оценка за изборниот процес, а дали и колку се совпаѓа таа со извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за изборите, не знам…, одговори Иво Котевски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, на прашање од „Мета“ дали партијата ќе има реакција на вчерашната оценка за телото на ОБСЕ што ги следи изборните процеси. Инаку, ОБСЕ/ОДИХР зборуваше за напредок во спроведувањето на изборите.

– Иако процесот сè уште не е завршен, на овие избори се виде напредок во демократскиот процес на оваа земја и довербата на гласачот во изборниот процес се зголемува. Се надеваме дека ова ќе продолжи и во вториот круг – изјави вчера амбасадорката Одри Гловер, шеф на мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР.

Го прашавме Котевски дали највисоките партиски тела, односно извршниот и централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе заседаваат наскоро, бидејќи партискиот лидер Никола Груевски неколку часа по завршувањето на првиот круг гласање обвини за недемократска атмосфера, нефер услови и за злоупотреби, а најави дека за изборниот пораз ќе се расправа наскоро во рамките на ВМРО-ДПМНЕ. Котевски појасни дека медиумите ќе бидат информирани кога ќе има седници на телата.

Инаку, во првото соопштение што ВМРО-ДПМНЕ го испрати до медиумите во последните 36 часа, се вели дека насилствата продолжуваат и по изборите, реагирајќи за нападот врз претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, и за уште два инцидента.