Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаУсвоени мерки за унапредување на состојбата на македонскиот јазик

Усвоени мерки за унапредување на состојбата на македонскиот јазик

Владата ја разгледа и усвои информацијата со предлог – мерки за унапредување на состојбата на македонскиот јазик со кои меѓу другото се превидува формирање Фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети, отворање и одржување на лекторатите по македонски јазик на странските универзитети, како и формирање на Фонд за поддршка на изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области, соопшти Министерството за култура.

„Со мерките исто така се предвидува Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура да прерасне во Македонистички центар, со повеќе функции: организирање на летна школа, стипендирање на поголем број странци, кои би дошле да ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, како и формирање на постојана школа за изучување на македонскиот јазик како странски јазик (Македоникум)“, се вели во соопштението.

Пакетот мерки предвидува дополнување, преработка и доработување на електронските бази, документи, книги, списи од развојот на македонскиот јазик од страна на стручни лица, како и обновување на родните куќи и создавање музеи посветени на значајните личности за македонскиот јазик и македонската култура, како и натамошна поддршка на постојните (Мисирков, Пулевски, Рацин, Џинот…) по принципот на куќата на Конески во Небрегово.

Исто така, со мерките се предлага формирање на постојан Одбор за стандардизација на македонскиот јазик, кој би бил составен од експерти и би ги решавал ад – хок проблемите што се појавуваат во практиката, а за кои нормата не пропишала решенија.

На крајот, со мерките се предвидува и формирање на Центар за постојана подука на новинарите и на презентерите во електронските медиуми во РМ.