Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаУставен суд: Присуството на адвокат во постапката пред нотар е согласно Уставот

Уставен суд: Присуството на адвокат во постапката пред нотар е согласно Уставот

Задолжителното присуство на адвокат во постапката пред нотарот не е во спротивност со принципот на владеење на правото, туку напротив тоа е со цел обезбедување на правната сигурност на граѓаните и е во согласност со Уставот, се вели во Решението на Уставниот суд на Република Македонија, со кое се одбиваат сите иницијативи со кои се оспорува учеството на адвокатите во нотарските постапки, предвидено со новиот Закон за нотаријат.

Како што е наведено во денешното соопштение од Адвокатската комора на РМ, со ова Уставниот суд им стави крај на интензивно пласираните погрешни тези уште пред донесувањето на Законот за нотаријат дека учеството на адвокатите е противуставно.

– Одлуката на Уставниот суд е само уште една потврда за важноста на законското решение во градењето на еден систем каде правната сигурност и владеењето на правото се приоритет, дотолку повеќе што развојот на правосудството е ставен на сериозен предизвик, велат од Адвокатската комора.

Со одлуката, како што е наведено во соопштението, се отфрлаат тврдењата дека со Законот се прави обид за воспоставување на монополска положба на адвокатурата, во давањето и обезбедувањето на правна помош на граѓаните и правните лица и дека се повредувале основните човекови слободи и права предвидени во член 8, став 1, алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, кои Уставниот суд ги отфрла како неосновани.

– Важноста на потврдата на уставноста на задолжителното присуство на адвокат во нотарски постапки е и поради околноста што адвокатурата е единствениот вработувач на стотици дипломирани правници и единствена целосно либерализирана правна професија. Само минатата година близу 570 правници биле вработени во адвокатурата, од кои дури 370 адвокати, стои во соопштението.

Адвокатската комора на РМ смета дека отворените барања на одредени влијателни организации за измена на Законот за нотаријат на начин што адвокатите ќе бидат елиминирани и повторно ќе им биде одземен предметот на работа на адвокатите, кој делумно е вратен со овој Закон, не се во интерес на правната сигурност на граѓаните туку во интерес на мала привилегирана група, а на штета на 2.600 адвокати.

– Според Уставниот суд на РМ јасно и недвосмислено произлегува интенцијата на законодавецот за заштита на слободите и правата на граѓанинот во постапката пред нотарот, кој има обврска при солемнизација да ја потврди единствено веродостојноста на потписите. Но, што се однесува до содржината на правните акти, со новиот Закон за нотаријат се обезбедува поголема правна сигурност од причина што адвокатот во смисла на одредбите од Законот за адвокатурата, гарантира за содржината на правните акти, дека истите ги содржат сите потребни елементи, дека нивната содржина ја инволвира волјата на странките за склучување на истите, по кое се врши солемнизација, како втора фаза, посочуваат од Адвокатската комора.

На овој начин, адвокатите согласно член 18 од Законот за адвокатурата ставаат свој потпис и печат на секоја исправа и поднесок, со што се гарантира дека содржината на правниот акт е во согласност со позитивната законска регулатива на Република Македонија. – Ова дотолку повеќе што со Законот за адвокатурата се предвидува и одговорност за адвокатот за причинета штета на странките во случај на незаконски составен акт, на кој начин странките се заштитени и од одговорност за штета причинета од адвокатите. Не може да се прифати тврдењето во иницијативите дека со оспорените законски решенија се повредувале основните права и слободи на човекот и граѓанинот, туку напротив истите на овој начин се заштитуваат и се обезбедува нивната правна сигурност во постапката пред нотарот, се додава во соопштението.

Судот оценува дека присуството на на адвокатите во постапката пред нотар е со цел обезбедување правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред органите во вршењето на јавно овластување утврдено со Законот за адвокатурата и друг закон.

Според Адвокатската комора, присуството на адвокат во текот на оставинската постапка пред нотарот е единствено во интерес на граѓаните и заштита на нивните права.

– Во однос на надоместок за адвокатите, кој гласи на 50 отсто од вкупната награда и трошоците за преземање на соодветното правно дејствие пропишани со Нотарската тарифа, додека нотарот кој го преземал соодветното правно дејствие има право на останатите 50 отсто од наградата и трошоците, од Судот истакнуваат дека ваквото законско решение е со цел обезбедување заштита на работата на адвокатурата како јавна служба која обезбедува правна помош и врши јавни овластувања, се истакнува во соопштението од Адвокатската комора.