Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаУште двајца притворени за насилствата од 27 април

Уште двајца притворени за насилствата од 27 април

Судија на претходна постапка им одредил притвор уште на две лица, М.М и С.М., осомничени за насилствата во Собранието од 27 април годинава, кои вчера биле спроведени на распит во Кривичниот суд во Скопје.

Осомничените против овие одлуки имаат право на жалба до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, во рок од 24 часа по приемот на решенијата.

Со ова, вкупниот број на осомничени, кои добија притвор, сега изнесува 15 лица, меѓу кои се и поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, како и Богдан Илиевски и оперскиот пејач Игор Дурловски, кои беа дел од организаторите на протестите „За заедничка Македонија“.

Куќен притвор добија шестмина осомничени, меѓу кои и режисерот Борис Дамовски и актерот Владо Јовановски, кои беа дел од организаторите на протестите „За заедничка Македонија.

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска едногласно, со пет гласа „за“ и без воздржани или против, го одобри барањето на судот и донесе заклучок да му предложи на Собранието да им се одземе имунитетот на пратениците Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против вкупно 36 лица, кои се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста на државата.

Полицијата по налог од Обвинителството сè уште трага по дел од осомничените.