Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионУбиени чешки туристи во Албанија – полицијата нуди 30.000 евра за информација

Убиени чешки туристи во Албанија – полицијата нуди 30.000 евра за информација

Во друмско разбојништво што синоќа се случило кај градот Дукаѓин, на северот на Албанија, убиени и ограбени се двајца чешки туристи. Чесити Мишел Сватос (27) и Ана Косинова(36), кампувале во селото Прекал кај Дукаѓини, каде што имало и други чешки туристи-кампери.

Тие синоќа околу 20.30 часот веднаш, по излезот од селото на патот кој води кон Скадар биле пречекани со пукотници од автоматски пушки калашњиков и биле усмртени на самото место. Откако ги ограбиле разбојниците возилото заедно со нивните тела го турнале во бездна, со цел да наликува на сообраќајна несреќа. Од отпечатоците кои се пронајдени на прозорците од возилото полицијата трага по четворица жители од селото на возраст од 18 до 35 години. Едниот од нив се претпоставува дека бил во возилото изигрувајќи водич.

Овој грозоморен чин видно ја вознемири албанската јавност, посебно во период кога се очекува голем бран на туристи. На местото на настанот синоќа биле високи полициски функционери, а големи полициски сили сеуште го чешлаат теренот барајќи ги разбојниците.
seski1
Албанската полиција попладнево соопшти дека нуди награда од 30 илјади евра за информција која ќе ја доведе до убијците на двајцата чешки туристи. Во врска со овој грозоморен чин полицијата гарантира целосна анонимност за оној кој ќе даде информација. За што побрзо расветлување на оваа трагедија полицијата апелира на соработка со локалното население. Полицијата за граѓаните отвори и телефонска линија 0694103984 и гарантира целосна анонимност.

Истражна екипа предводена од обвинител продолжува со истрагата на местото на настанот, возилото и утврдување на други докази кои би можле да доведат до расветлување на случајот. Во потрагата по убијците вклучени се големи полициски сили, а со акцијата раководи заменик директорот на државната полиција Ардиан Чиша.

Ова инаку, не е прв трагичен настан кога стнува збор за престојот на чешки туристи во Албанија, кои посебно се водушевуваат на „албанските Алпи“ во северот на земјата. Тројца млади Чеси изчезнаа во 2001 година исто така во ова подрачје и до ден денес не е позната нивната судбина. Во 2012 година тројца чешки туристи беа ограбени во Кукс, додека во мај година животот го загуби чешки турист правејќи рафтинг во реката Кири кај Скадар.