Friday, May 3, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаТемелко останува без пасош, одлучи Апелација

Темелко останува без пасош, одлучи Апелација

Апелацискиот суд ја одби жалбата на обвинетиот градоначалник на општина Пустец, Едмонд Темелко, и одлучи и натаму еднаш неделно да се јавува во судот и да му биде одземен пасошот.

Судот ги ценел околностите во смисла на тоа дека обвинетиот има оформено потесно семејство, женет и татко на две деца, како и тоа дека обвинетиот е член на совет на округ во Албанија и градоначалник на општина Пустец, но најде дека наведените околности не се од значење за донесување поинаква одлука на овој суд.

Во образложенито судиите напишале: „Судот го ценеше жалбениот навод по однос на здравствената состојба на обвинетиот за која е приложена медицинска документација, меѓутоа оцени дека тоа не е од влијание за поинаква одлука од страна на овој суд бидејќи во случај на неопходна потреба судот има начин со кој ќе овозможи обвинетиот да го оствари своето право за заштита на здравјето и користење здравствени услуги за таа цел. По мислењето на овој суд, првостепениот суд правилно оценил дека треба да се определат предложените мерки на претпазливост со цел да се обезбеди присуство на обвинетиот во текот на кривичната постапка, што претставува услов за брзо, ефикасно и економично спроведување на кривичната постапка.“

Темелко е обвинет во случајот „Титаник“ на СЈО за сторени изборни измами.