Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаТаравари ги испрати сините картони во историјата – бара решение за ЕЗК

Таравари ги испрати сините картони во историјата – бара решение за ЕЗК

Од денеска нема да се користат сини картони при одење на лекар“, соопшти министерот за здравство, Арбен Таравари, на денешната прес-конференција.

„Имав средба со двајцата директори на Фондот за здравствено осигурување, со претставници на „Мој термин“ и со претставници на приватните доктори. Заеднички донесовме одлука во врска со прашањето што да се прави без електронските картички.

Проектот е почнат во 2010, а картичките се користат од 2012 година. Тие картички воопшто не се користат и така ќе продолжи додека не најдеме поинакво решение. Сини картони нема да бидат потребни, лекарите можат да го проверат статусот на осигурување на лице место и ако се во зелено значи се в ред, ако е црвено значи не се осигурени“, рече Таравари.

Тој потенцира дека од денеска нема да се бара од пациентите да носат син картон, потребна е само лична карта и електронската картичка. Таа на многумина сè уште им важи. Министерот истакна дека веќе се прават планови за изнаоѓање долгорочно решение за проблемот.

„Размислуваме за многу подобро решение, сè уште го бараме најрационалното решение за сите граѓани и за сите пациенти. Во наредните недели ќе разговараме со експертите и ќе дојдеме до најдобрата опција“, рече министерот за здравство.

Одговарајќи на новинарски прашања Таравари рече дека за проблемот со електронските картички виновен е тој што нарачал картички со чип кој истекува на пет години.

„Зошто направиле така, треба да се истражи. Бараме нов начин, можеби со картички кои ќе важат 10 или 20 години. Не е јасно и зошто воопшто се пуштени во оптек сините картони“, рече Таравари.