Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаТалески во куќен притвор

Талески во куќен притвор

Решението за куќниот притвор на градоначалникот на Битола, Владимир Талески, во понеделникот попладнето стигнало во битолската полиција, потврдија за Макфакс од СВР Битола.

Портпаролката на СВР Битола, Сања Стаматова, изјави дека полицијата ќе постапува по решението, но не објасни што точно пишува во решението и што значи тоа.

Од Основниот суд Скопје 1 велат дека со добивањето на решението, за Талески автоматски почнува издржувањето на куќниот притвор.

„Жалбата не го задржува извршувањето на решението за спроведување на мерката притвор“, велат од Основниот суд, што значи дека иако Талески има жалба на решението на Судот, и за тоа треба да одлучува Апелациониот суд, сепак, со доставувањето на решението почнува спроведувањето на куќниот притвор за него.

Решението за куќниот притвор за Талески беше донесено во четвртокот, а стигна во битолската полиција денеска. Граѓани од цела Македонија, организиани од Граѓанското двиѓење за одбрана на Македонија во понеделникот се собраа пред зградите на судовите и протестираа за одлуката за одредување мерка притвор за Талески.

Тој е еден од осомничените за случајот „Транспортер“ кој го отвори Специјалното јавно обвинителство и се товари за малверзации со превозот на учениците. СЈО бараше притвор за Талески но судија му одреди мерки на претпазливост односно одземање на пасшот, но Кривичниот совет на судот ја преиначи одлуката и му определи куќен притвор во траење од 30 дена.

„Се забранува осомничениот В.Т. да го напушти своето живеалиште без дозвола од судот, а доколку осомничениот не се придржува на забраната, против истиот ќе се определи мерка притвор. Надзорот над куќниот притвор се наложува да го извршува СВР Битола при што овластени службени лица од подрачната полициска станица во одредени временски интервали, ненајавено во текот на 24 часа, ќе го проверуваат присуството на осомничениот во неговиот дом. За секое непочитување на решението од страна на осомничениот се задолжува надлежна полициска станива веднаш да го извести Основен суд Скопје 1 – Скопје“, се вели во решението од Судот.

Извор: Макфакс