Friday, Apr 26, 2024
HomeГОВОРНИЦАСветол Илинден, исти ветувања на политичарите и помрачена иднина на Македонија

Светол Илинден, исти ветувања на политичарите и помрачена иднина на Македонија

Во  сенка на Ковид-19 пандемијата, Македонија го слави Илинден, празникот и идеалот на многу  генерации. Токму на овој датум  2 август се втемелени жртвите на многу паднати борци за слободата на Македонија, и врежани мемориските кодови на генерации и генерации Македонци. Во последните 30 години повеќепартиска  демократија, во периодот во кој го живееме идеалот и мечтата: сопствена и независна држава, политичките елити, секоја година од  Мечкин Камен во Крушево, или од Пелинце упатуваат пораки со кои потсетуваат на саможртвата и на храброста на илинденците и на партизаните во Втората светска војна, но упатуваат и пораки за просперитет, благостостојба  и  иднина која ветува?

Што се промени, од секој Илинден до наредниот, во овие 30 години? Се променија доста работи, но како што глаголеа политичарите за подобра и посветла иднина, во практика се случуваше обратен процес. Македонија постојано осиромашуваше, или пак стагнираше во својот развој, па така ако по почетната нулта точка во 1991 година, беше пред многу земји од балканското опкружување, па и од земји од Варшавскиот пакт, денеска по сите економски параметри и критериуми кои го мерат стандардот и квалитетот на живеење, населението во Македонија, т.е нејзините граѓани се едни од најсиромашните во Европа, со највисока стапка на невработеност, и најголем степен на корупција. Резултатот од сето тоа: петстотини илјади ( 500.000) иселени, кои веќе не се фаќаат на мамецот на лагите од политичарите, и трајно се отселија од земјава, трагајќи подобар живот и посветла иднина.

Илинденска Македонија постана и Северна, како резултат на притисокот од меѓународниот фактор, се со цел државата да стане полноправна членка на НАТО алијансата, и да ги отпочне преговорите со Европската Унија, како услов без кој не се можеше. Македонскиот народ својата државност ја заокружи во виорот на 2 С. војна, кога се создадоа услови заедно со останатите јужнословенски народи да конституира заедничка федеративна република, во која за прв пат ги доби правата на себеидентификување и јазично и национално самоопреелување. Пред тоа, заветот на партизаните, го чуваа Илинденците од  1903, кои не успеаја во намерата да создадат автономна/ независна република. Не случајно и АСНОМ ( Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија) е камен-втемелено токму на 2 август за да се даде континуитет на децениските напори, борби и саможртви на Македонците. Во пресрет на  117-ет годишнината од Илинденското востание, и 76-ст годишнината од првото заседание на АСНОМ, Македонија во својот пат кон иднината се соочува и со проблем на негација токму на самиот Илинден.

 Договорот за добрососедство со Бугарија, во рамките на комисијата за решавање на заедничките историски настани и личности, го става и карактерот на Илинденското востание: дали е бугарско по својата суштина, или изворно македонско?! Илинден бил, и ќе остане македонскиот Велигден- мит и бит длабоко врежан во колективот и меморијата на еден народ, кој последен на балканскиот полуостров се изборил за своја посебност и своја државност, наспроти сите негативни околности кои го спречувале во тоа. Илинден е пантеонот на слободата и жртвата на генерации Македонци, кои живееле на ова парче земја, и кои со својата борба  му дале суштина на постоењето.