Wednesday, Apr 24, 2024
HomeГОВОРНИЦАКолумнаКолумна Илија Јованов: Вредноста на образованието

Колумна Илија Јованов: Вредноста на образованието

Дали ќе се согласиме со Плутарх дека вредноста на образованието не се мери по бројот на прочитаните книги, туку по нивната употреба во животот?

Во текот на целиот образовен процес сме прочитале стотици и стотици учебници и книги, но колку од сето она што сме го прочитале останало во нашето сеќавање и се врежало во нашите глави? Многу малку? Да, се согласувам. А ни велеа само да читаме, бидејќи сетоа тоа би ни било потребно еден ден во животот. Ни велеа дека сите тие информации ќе ни бидат корисни.

Во текот на нашето образование ние се стекнавме со многу познавања, информации и вештини, но за жал, сосема мал дел од истите можеме да ги искористиме во понатамошниот животен век. Сепак, како и да е, за време на нашиот живот поминуваме низ два (паралелни) процеси или фази на учење. Тоа се формалното и неформалното образование. Формалното образование е образованието што го добиваме додека седиме во училишните клупи. Сето она што го стекнуваме како знаење и искуство надвор од училиштата спаѓа во т.н. неформално образование. Заедничко и за двете фази е тоа што ние се стекнуваме и изградуваме сопствени вредности и вредносни ориентации. Токму на оваа тематика ќе го посветам овој текст.

Вредностите и вредносните ориентации, најчесто, се сфаќаат како способности кои се стекнуваат по пат на социјалното воспитување и живеење, растење и учење, а воедно и созревање. Во текот на нашиот образовен циклус, ние, стекнуваме способности за да можеме да ги процениме постапките и односите на другите луѓе како добри или како лоши, а со тоа е поврзано и чувството за одбивност кон лошото и наклонетост кон доброто, како и стремежот она што е осознаено како добро да се оствари со сопственото делување.

Пред речиси дваесет години во Република Македонија било спроведено истражување за влијанието на транзицијата врз системот на вредностите на младите. Резултатите покажале дека според интензитетот на застапеноста на вредносните преференции, водечки принципи во животот на младите се: конформизмот, постигнувањето, насоченоста кон себе, универзализмот, добронамерноста и сигурноста. Додека, пак, на најниско место се нашле: стимулацијата, моќта и традицијата.

Самото по себе се поставува и прашањето дали вредностите и вредносните ориентации се традиционална или современа категорија, потоа дали тие се апсолутни или релативни, дали се постојани и непроменливи или се непостојани и променливи, како и дали тие се објективни или субјективни. И теоријата и праксата имаат изградено и завземено свој став. Сепак, јас лично сметам дека ставовите треба да се градат врз основа на емпириските искуства и воочување на работите.

Преку системот на образование се настојува ние како млади луѓе да впиеме што е можно повеќе од општо прифатените вредности во општеството во кое што живееме, а кои ќе ни бидат од корист и во функција на нашиот развој како личности од кои во иднина ќе зависи и самиот постојан општествен систем. А општествениот систем е тесно поврзан со образованиот систем и со вредностите и вредносните ориентации.

Вистински предизвик, но и голема одговорност што треба да се направи во нашата држава е да се изготви и утврди стратегија, динамика и правец на правилен развој на целиот воспитно-образовен систем. Образованието е најодговорната тема за работа и интерес во секоја држава. Ние мораме да изградиме стабилен, функционален и визионерски образовен систем за да можеме да дадеме придонес во иднината на нашата иднина. Ние мораме да сфатиме дека знаењето е она нешто кое никој и никогаш не може да нѝ го одземе. Самото вложување во образованието и во образовниот систем во целина, може да значи и вложување во сопствената, но и во иднината на својата држава.

Во духот на новите барања со кои се судира нашето општество во 21 век беше донесена и последната Национална програма за развој на образованието во Република Македонија за периодот од 2005 до 2015 година. Во оваа стратегија се настојува промените да се постават врз современите цивилизациски вредности и придобивки, како што се: знаењето, толеранцијата, хуманизмот, демократичноста и правичноста.

Но, за да може сето ова доследно да се импелентира и во пракса, потребни се делувања уште во текот на воспитувањето на најмладата популација. Имено, мора да се влијае врз свесноста, навиките и однесувањето на најмладите, односно тие да се воспитаат за да станат отворени за секојдневните промени и предизвици кои што ни ги наметнува секојдневното живеење, а со самото тоа од младите луѓе ќе успееме да изградиме отворени, либерални и слободоумни граѓани кои ќе ги почитуваат другите, ќе ја ценат различноста и ќе бидат толерантни и мирољубиви.

Каде е просторот во кој може да се делува кај младите луѓе? Според мене, тоа е просторот кој што е обележан со вредносните преференции, односно со водечки принципи во животот на младите, кои што ги спомнав погоре. Постигнувањето на резултати и успеси, насоченоста кон себе, универзализмот, добронамерноста и сигурноста се водечки принципи кои е разбирливо да постојат кај младата популација. Тие доаѓаат и се наметуваат имајќи ги во предвид годините во кои се наоѓаме, времето во кое живееме, односите во самото општество и други слични фактори кои допринесуваат за стекнувањето и прифаќањето на овие вредности. Но, конформизмот е она нешто кое мене лично толку многу ми пречи кај младата популација. Како може човек да биде конформист и незаинтересиран за случувањата и за работите кои се однесуваат и го засегаат директно него? Ние, младите, мораме да сфатиме дека ако ние не се грижиме за работите што нѐ тангираат нас, никој подобро од нас самите нема да го прави тоа. Не може никој подобро од нас да ги детектира проблемите на образовниот систем, неговото функционирање, предизвиците со кои што се соочува и можните решенија.

Не би требало да биде прашање и тема за дискусија дали ние младите луѓе треба или не треба да се вклучиме во активности што нѐ засегаат нас, туку би требало единствено да се поставува прашањето во каква форма би се вклучиле ние со нашите размислувања, идеи и предлози? Дали тоа ќе го направиме со доставување на писмени предлози и иницијативи, дали со учество на работилници и конференции или со друг вид на акции, не е толку важно во моментов. Многу поважно, односно приоритет е она што ќе биде дискутирано да биде преточено во конкретна форма, која подоцна би можела директно да се реализира.

Значи, ние младите мораме да бидеме носечката сила, лостот ако сакате, која ќе го подигне самиот образовен систем од точката на која што се наоѓа сега до точката која што е идеална, т.е. посакувана за самите нас. Каков образовен систем ќе изградиме самите – таков образовен систем ќе имаме! А сепак ќе се согласиме и со Аристотел дека образованието е најдобрата животна одлука. Затоа да се потрудиме да ја донесеме правилната!

Пишува: м-р Илија Јованов

Скопје, 12.06.2013 година