Friday, Apr 19, 2024
HomeГОВОРНИЦАДУИ на работ на криза на идентитет- треба да глуми УЧК пред албанците, а “зеленило“ пред македонците

ДУИ на работ на криза на идентитет- треба да глуми УЧК пред албанците, а “зеленило“ пред македонците

Пред два дена, Али Ахмети ја промени фотографијата на својот фејсбук профил. Ја симна таа со униформа на УЧК, што ја држеше неколку месеци по ред, и си закачи нова пацисифистичка и идилична фотографија, облечен во бела кошула и со зеленило во сфондот, опколен со млади момчиња и девојки, како партиски пионерчиња. Ќе прашате чуму ова промена на фотографија?

Па избори се ближат! И тоа локални. На ДУИ сега не и се доволни само гласовите на албанците, туку и требат и гласовите на македонците. Фотографијата со униформа на УЧК е пречка за нивно добивање. Челникот на ДУИ тоа го знае подобро од сите нас. А ДУИ, иако ја сака УЧК, повеќе од УЧК ја сака власта. УЧК си има свое место на сцената, но местото на ДУИ (по секоја цена), е во власта. Бидејќи без власт нема сласт, нели? А локалната власт, во многу општини се добива со гласовите на македонците. И тоа го знае Ахмети многу добро!

Како и се друго, и фотографијата во профилот на еден политичар во социјалните мрежи (особено на претседател на партија), носи своја политичка порака. Во конкретниот случај, замената на фотографијата на Али Ахмети каде што е во униформа на УЧК, со фотографија каде е во бела кошула, носи две главни пораки. Првата порака е за македонскиот дел од јавноста, и приближно гласи вака – ”Ние во ДУИ не сме толку УЧК колку што мислите вие, туку медиумите некогаш ги преувеличуваат работите и не вадат од контекст”.

За да го зајакне овој впечаток кај македонската јавност (дека не е толку многу УЧК колку што мислат тие, односно да ги убеди дека ‘тази дупка не е дупка’), Ахмети со сигурност наскоро ќе даде некое ново интервју, во кое по 20-ти или 30-ти пат ќе го повтори веќе досадниот рефрен, дека во 2001 година го одбил планот за поделба на Македонија (демек од голема лубов кон соживотот меѓу македонците и албанците).

Но, тешко дека некој уште верува во тоа. Јавноста многу добро се сеќава дека тој план го одби меѓународната заедница, како и тогашниот претседател Борис Трајковски, па Бранко Црвенковски, Арбен Џафери и Имер Имери, а го подржа само Лубчо Георгиевски, кој (глеј чудо), сега е владин коалиционен партнер на ДУИ! Нејсе.

Да не се одалечуваме од темата. Бидејќи уште поинтересна е втората порака што ја пренесува новата “пацифистичка“ фотографија на Ахмети. Станува збор за порака која е за функционерите и за “оперативната структура на ДУИ“, (во која влегуваат партиските активисти кои барем еднаш досега се фотографирале со Ахмети). Порака, која треба да се сфати од сите нив, без да има потреба да се пренесе на секој поединечно. А содржината на оваа порака е дека сега треба да ги заборават и да ги избришат од социјалните мрежи сите напишани статуси или дадени изјави од типот “ги поразивме славомакедонците во војна, ќе ги поразиме и политички“ или “ќе ги вратиме славомакедонците позади Карпатите од кај што дошле“.

Таквите изјави и статуси треба да ги чувате за пред парламентарни избори, кога вооглавно ни требат гласовите на албанците, а сега треба да бидете помеки. Сега по социјалните мрежи треба да објавите статуси со пораки за мир, хармонија и соживот. Може да објавите и некоја фотографија со многу зеленило од проведените викенди во Маврово, Струга или Охрид, евентуално во Драч и Шенѓин во Албанија. Но никако не смееете да објавите (ако сте објавиле да ги избришете), фотографии од луксузните одмори во Анталија, Египет, Дубаи или Шпанија, платени со “чесно и со пот“ тендерски заработени пари.

Сето ова, почнувајќи од промената на старата милитантна фотографија во службениот профил на Али Ахмети, се до пораките кои ги пренесува новата пацифистичка фотографија, зборува за тешкиот политички моментум во кој се наоѓа ДУИ, соочена со дилемата као да се глуми истовремено УЧК, за да се добијат гласовите на албанците, а “граѓанство“, или “зеленило“ за да се добијат гласовите на македонците. Дилема која на некој начин добива и димензија на партиска криза на идентитет. А тоа е специфична криза на идентитет бидејќи не доаѓа како последица на внатрепартиски разлики за принципи, идеологии или политички стратегии, туку како последица на неуспесите на нејзините партиски кадри кои ги водат општините во последните четири години, неуспеси кои се уште поизразени од неуспесите во поранешните нивни мандати.

Неуспеси поради кои секој ден Македонија ја напуштат по 50 аутобуси со млади и заминуваат во Германија. (Не е чудо во некој од тие автобуси наскоро да завршат и младите од идиличната предизборна слика на Али Ахмети). Кај и да е, ќе се појават и независните политички аналитичари (со здебелени џебови од пари на власта), да напишат и кажат дека ДУИ има супер ПР од кој треба да научат и другите партии, меѓутоа тешко дека ќе сменат нешто во прилог на нивниот омилен политички субјект, бидејќи граѓаните никогаш немале проблем со ПР-от на ДУИ, туку имат проблем со недостиг на нивни конкретни остварувања.

Па затоа, во недостиг на конкретни успеси, со кои би ја придобиле подршката на граѓаните без разлика на нивната етничка припадност и без потреба од глумење, ДУИ е сега приморана да глуми, час УЧК, час граѓанство, а сето тоа глумење може да се претвори во комедија со трагичен (за нив) завршеток и резултат.

Едиторијал објаен на порталот “Лидери Инфо” (www.lideri.mk)