Thursday, May 9, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаСубвенционирањето евтини летови под лупа на ЕУ

Субвенционирањето евтини летови под лупа на ЕУ

Европската комисија покренала истрага за владиното финансиско поттикнување на летови на скопскиот аеродром на авиокомпании што остваруваат евтини летови. Ова денеска го истакна Јакуб Адамовиц, портпарол на Еврокомисијата, како одговор на покренатите шпекулации во јавноста во однос на македонското владино субвенционирање на функционирањето на нискобуџетната авиокомпанија „Визер“.

Според Адамовиц, Брисел е свесен за загриженоста на некои авиокомпании и аеродроми на Балканот во однос на она што се случува во Македонија, за што според него, од ЕК се во контакт со надлежните власти во македонската држава.

„Соработката во авијацијата меѓу ЕУ и БЈР Македонија е водена од Заедничката европска авијациска област и во тој контекст ние не сме запознати дека некои авиокомпании бараат истрага од Комисијата во однос на финансискиот поттик што Владата на БЈР Македонија можеби го дава на авиокомпании што оперираат од аеродромот во Скопје. Ние сме секако свесни за загриженоста што е покрената за шемата за финансиски поттик што се дава од Владата во Скопје од 2012 на авиокомпании што сакаат да ги добиваат услугите на аеродромот“, истакна Адамовиц.

Како што јави МИА, според портпаролот на Комисијата има можност од дисторзија на конкуренцијата што може да се покрене меѓу скопскиот аеродром и другите аеродроми во областа и авиокомпании што летаат до овие аеродроми и во овој контекст Брисел за Македонија тоа го прави во духот на 864/2004 регулацијата од Заедничката европска авијациска област за заштита на авио-компании против субсидијарност во однос на трети, не-ЕУ земји.

„Сега сме во контакт со надлежните власти во Скопје и собираме информации за понатамошно испитување на ова прашање. Можеби само ќе го ставиме ова прашање за фер и транспарентни пазарни услови во контекст дека има и Авијациска стратегија за Европа што ја покренавме минатиот декември и, се разбира, еден од клучните елементи е да се засили конкурентноста на европскиот авијациски сектор генерално и да се засили неговото глобално позиционирање“, додаде Јакуб Адамовиц.

Според портпаролот на ЕК, еден од камен-темелниците на Авијациската стратегија на Европа е склучување на сеопфатен авијациски договор со играчи како Азија, Асоцијацијата на југоисточни азиски нации, со Обединетите арапски емирати (ОАЕ) и со Турција и во тој контекст Брисел верува дека овие идни договори ќе создадат нови економски можности и ќе креираат фер и транспарентни пазарни услови за сите играчи, како за ЕУ авио-компании и не-ЕУ авиокомпании, односно како во ЕУ, така и надвор од Унијата.

„Во овој контекст, следниот вторник има Совет на ЕУ за транспорт во Луксембруг каде што ќе има важни одлуки“, заврши Адамовиц.