Saturday, Apr 27, 2024
HomeUncategorizedСОС детското село со финансиска поткрепа од државата

СОС детското село со финансиска поткрепа од државата

Државата финансиски ќе помага и поддржи 28 деца без родители и родителска грижа и млади на 14-годишна возраст сместени во четири станбени единици за организирано живеење со поддршка. За реализација на оваа помош и поддршка беше потпишан Меморандум меѓу Министерството за труд и социјална политика и СОС Детско село.

За оваа намена Министерството за труд и социјална политика ќе издвојува по три милиони денари годишно. Претходно, Министерството за труд и социјална политика и Владата на Република Македонија се обврзаа на целосна финансиска поддршка на 12 СОС згрижувачки семејства, за што се издвојуваат околу шест милиони денари годишно.

sos celo

“Со потпишувањето на денешниот Меморандум, ја надградуваме и интензивираме досегашната соработка во делот на згрижување на деца и млади над 14-годишна возраст преку формата на вонинституционална заштита – организирано живеење со поддршка за деца без родители и родителска грижа. При тоа Министерството за труд и социјална политика ќе ги надоместува месечните трошоци за 28 деца и млади сместени во четири станбени единици за организирано живеење со поддршка”, рече по потпишувањето на Меморандумот министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Додаде дека најголемо добро коешто може да се направи за едно дете коешто не по своја вина останало без родителска грижа и љубов е да му се дозволи да живее и расте со чувство на заедништво и припадност. Токму таа грижа заснована на семеен модел им овозможува да се оформат во здрави личности коишто утре ќе бидат подготвени целосно да ја преземат контролата и одговорноста за сопствениот живот.

“Затоа, како Министерство за труд и социјална политика, коешто ја има должноста да им го подобрува животот на овие деца, силно ја поддржуваме формата на згрижувачко семејство, бидејќи таа е најхуманата, најсоодветната форма до биолошките семејства коишто нудат вистинска грижа и заштита на децата без родители и родителска грижа и на децата со пречки во развојот. Тие можеби ја немаат родителската грижа, но не имаат сите нас, како поединци, институции и држава. На нивниот животен пат не ги оставаме сами. Со низата проекти и иницијативи, секогаш ќе бидеме тука за нив”, потенцираше министерот Спасов.

Според него, потврда за заложбите за што поголем број на згрижувачки семејства, а и за поголеми можности за оние 180 згрижувачки семејства коишто веќе згрижуваат 296 деца е и зголемувањето на паричниот надоместок за згрижување на деца без родители и родителска грижа за 25 проценти.

Соработката со СОС Детско село препознаена како установа за долгорочна грижа, според министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, е многу пати потврдена и реализирана низ различни форми и начини.

Јулијана Гапо, национален директор на СОС Детско село истакна дека овие младинци веќе имаат предуслови да бидат успешни, со оглед на, како што рече, поддршката што оваа институција ја дава, но и мерките коишто ги реализира Владата на Република Македонија.

Овој начин на вонинституционално згрижување на децата треба да овозможи квалитетна грижа по стандардите и практиките коишто се меѓународно прифатени како најсоодветни и најдобри за децата.