Sunday, Apr 28, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаСомнителни биографии на личностите зад преземањето на Макпетрол

Сомнителни биографии на личностите зад преземањето на Макпетрол

Низа сомнителни зделки, пропаднати компании и обвинувања за корупција и перење пари ги „красат“ биографиите на луѓето кои преку компанијата „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“ се обидуваат да го преземат македонскиот нафтен гигант Макпетрол, покажуваат новинарските истражувања кои беа објавени деновиве.

Директорот на анонимната британско- кипарска компанија, Василиј Евдокимов, се појавува како менаџер на преку 20 компании, од кои повеќето сега не се активни. Трагите на сопствеништвото на „Балкан Петролеум“ водат до познатата офшор-дестинација Британски Девствени Острови, која често ја користат луѓето од „сивата зона“ на светскиот бизнис.

Како што деновиве објави Телма, компаниите „Далиа Глобал Корпорејшн“ и „Воландес Асетс Корпорејшн“, регистрирани во карипската држава, се меѓу основачите на „Балкан Петролеум“. Ништо помалку сомнителна не е ниту поврзаноста на компанијата со контроверзниот израелско-руски бизнисмен Ури Бидер, кој во светот на бизнисот е познат по уништувањето на романската нафтена рафинерија „Рафо“ во 2003 година.
Илјадници работници останале без работа, а некогаш успешната рафинерија денес се продава за старо железо, како резултат на преземањето од страна на Бидер, од компанија со идентично име како таа што денес се обидува да го преземе Макпетрол – Балкан Петролеум.

Соработник на Бидер на низа проекти е рускиот олигарх Михаил Черни, кој зад своето име има редица корупциски скандали, сомнителни зделки и сомнителни обвинувања за поврзаност со руската и бугарската мафија. Сомневањата за матните бизниси на Черни уште повеќе ги засили појавувањето на неговото име во најголемиот светски скандал поврзан со офшор-компаниите, „Документите од Панама“.

Додека овие луѓе се обидуваат да изведат „непријателско преземање“ на Макпетрол и на голема врата да влезат во домашниот нафтен бизнис, Комисијата за хартии од вредност, која деновиве ја разгледува понудата на „Балкан Петролеум“, и натаму молчи околу обвинувањата за опасност од влез на сомнителен капитал во македонската економија.

Експертите се децидни – КХВ мора да ја исполни својата улога како заштитник на домашното стопанство и сериозно и темелно да ги провери наводите за сомнителни игри со најавеното преземање на Макпетрол.

Извор: a1on.mk